Во својата објава на Телеграм, руското Министерство за обрана вели оти извештаите од Полска за руски ракетни напади врз нејзина територија се лажни и се намерна провокација со цел ескалација на ситуацијата и руско-украинскиот конфликт
Русија ги демантираше изјавите на полските медиуми дека руски проектили паднале врз полското село Пржеводо во близина на украинската граница, јави Би-би-си.
Во својата објава на Телеграм, руското Министерство за обрана вели оти извештаите од Полска се намерна провокација со цел ескалација на ситуацијата и руско-украинскиот конфликт.
„Не беа извршени напади врз цели во близина на украинско-полската државна граница со руски средства за уништување“,
се вели во соопштението.
Од руското Министерство се додава дека урнатините што ги објавија полските медиуми од местото на настанот во Пржеводов немаат никаква врска со руското оружје.
Претходно денеска, во селото Пржеводов во источна Полска во близина на границата со Украина се случила експлозија предизвикана од руски ракети, овјави новинската агенција Асошиејтед прес, повикувајќи се на високо рангиран извор во американското разузнавање. Според АП, во нападот загинале две лица.
Во меѓувреме, полскиот премиер Матеуш Моравјецки итно го свика Комитетот на Министерскиот совет за прашања на националната безбедност и одбраната, но полските власти се уште официјално не потврдија дали Полска била нападната од руски ракети.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видеообраќање на социјалните мрежи кажа оти денеска Русија ја нападнала Полска, а оти прашање на време е кога рускиот терор ќе продолжи понатаму.