Од основното училиште „Јохан Хајнрих-Песаталоци“, каде што учеше 14-годишната Вања, вчера објавија дека по трагичниот настан учениците, родителите и наставниците ќе може да добијат психолошка поддршка и советување во рамки на училиштето
Министерството за образование и наука предложи поддршка за Основното училиште „Јохан Хајнрих-Песталоци“ за ангажирање дополнителен кадар – педагози и психолози кои ќе им бидат на располагање на учениците во пребродување на последиците од случајот со 14-годишната Вања Ѓорчевска која беше ученичка во ова училиште.

„И по трагичниот настан, училиштето останува добро организирано, обезбедувајќи ја целокупната психолошка поддршка за сите ученици, со цел зачувување на менталното здравје и справување со трауматските последици од целата ситуација“,
велат од МОН.
Од „Песталоци“ вчера објавија дека по случајот со Вања, учениците, родителите и наставниците ќе може да добијат психолошка поддршка и советување во рамки на училиштето.
Од МОН дополнително изразија јавна благодарност до раководството и наставниот кадар на училиштето за, како што велат, високата посветеност и одговорност во работењето, но и брзата реакција за отсуството на Вања од наставата дента кога беше пријавена за исчезната.
„Длабоко сочувство до семејството и блиските на трагично починатата Вања. Невино дете, кое наместо да му се радува на животот, не по своја волја и вина, замина во вечноста, испраќајќи порака дека општеството и граѓаните мора повеќе да ги прифаќаат и да ги шират вистинските вредности за мир, толеранција, почитување и ненасилно однесување. Сите заедно да се заложиме вакви настани да не се повторуваат. Да бидеме подобри луѓе. Одговорноста е заедничка. Почивај во мир, драга Вања“,
пишува МОН во соопштението.