Од Економија и труд очекуваат Занаетчиската комора, како институција која ги претставува интересите на занаетчиите, официјално да ги достави до Министерството сите конкретни забелешки и проблеми со кои се соочуваат нејзините членови

Министерството за економија и труд ќе иницира координација со надлежните институции, пред сè со Управата за јавни приходи (УЈП) и Министерството за финансии, за да се решат проблемите на занаетчиите што настанаа по воведувањето на новиот начин на пресметка на придонесите за здравствено и пензиско осигурување.
Оваа реакција доаѓа откако повеќе од 3 000 занаетчии во земјава алармираа дека останале без здравствено осигурување.
Проблемот, како што веќе пишуваше „360 степени“, е од јули годинава, кога со измените во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, обврската за изготвување на МПИН-декларациите ја презеде УЈП и започна да ги испраќа на личните сметки (ЕМБГ) на занаетчиите, наместо на единствениот даночен број (ЕДБ) и називот на занаетчискиот дуќан.
„Министерството за економија и труд е запознаено со предизвиците со кои во изминатиот период се соочуваат дел од самовработените лица – занаетчии, особено во однос на генерирањето и плаќањето на обврските за придонеси од задолжително социјално осигурување“,
велат од Економија во одговор за „360 степени“.
Оттаму објаснуваат дека со измените на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 148 од 6 јули 2026 година, воведен е нов начин на администрирање на придонесите за самовработените лица кои данокот на личен доход го плаќаат според паушално утврден нето-доход. Велат дека согласно измените, Управата за јавни приходи е обврзник за пресметка на придонесите, додека обврската за нивната уплата останува кај самовработените лица.
„Министерството за економија и труд, како институција надлежна за креирање и спроведување на политиките во областа на занаетчиството и поддршката на малите и средните претпријатија, го следи функционирањето на новото решение и предизвиците кои произлегуваат од неговата практична примена“,
додаваат од министерството.
Од Економија и труд очекуваат Занаетчиската комора, како институција која ги претставува интересите на занаетчиите, официјално да ги достави до Министерството сите конкретни забелешки и проблеми со кои се соочуваат нејзините членови.
„На тој начин ќе можеме институционално да ги разгледаме прашањата и, во координација со УЈП и Министерството за финансии, да работиме на нивно надминување“,
велат оттаму.
Велат дека како Министерство остануваат отворени за дијалог со Занаетчиската комора и со сите засегнати страни и ќе продолжат активно да се вклучуваат во изнаоѓање решенија кои ќе овозможат непречено функционирање на занаетчискиот сектор.
Поради законските измени, занаетчиите треба придонесите за здравствено и пензиско осигурување, персонален данок и плата да си ги уплаќаат од лична сметка, а не од таа на дуќанот каде што работат и кој месечно генерира приходи.
Од Занаетчиската комора – Скопје потврдуваат дека занаетчиите се соочуваат со овој проблем, за кој велат дека веќе алармирале до надлежните институции.
Од Комората велат дека постојано се во комуникација со институциите на кои им било укажано дека декларацијата за придонесите мора да се испраќа на единствениот даночен број и потоа преку фолио-бројот, кој се однесува на единствен идентификациски број што го издава Управата за јавни приходи при поднесување пресметки, уплатите веднаш се евидентираат во Фондот за пензиско и здравствено осигурување.
