Од скопското училиште посочија дека учениците од прво до петто одделение денеска имале редовна настава, додека оние од шесто до деветто одделение работеле со своите одделенски раководители со цел, како што додаваат, да им се даде поддршка и помош во справувањето со болката, тагата, стравот и измешаните емоции
Учениците од Основното училиште „Јохан Хајнрих – Песталоци“ ќе може да добијат психолошка поддршка и советување во рамки на училиштето. Ова денеска беше објавено на официјалната фејсбук-страница на училиштетo откако се обелодени случајот со 14-годишната Вања Ѓорчевска, која изминатите седум дена се водеше за исчезната, а вчера беше пронајдена мртва во околината на Скопје.

Разговор и поддршка со училишните психолози ќе може да добијат и родителите и наставниците од училиштето.
„Во овие тешки мигови, кога тагуваме по Вања, сакаме да потенцираме дека училиштето е безбедно место во кое децата можат да добијат психолошка поддршка и советување. Децата, родителите и наставниците и во наредниот период ќе можат непосредно да разговараат со психолозите кои се во училиштето за да им дадат поддршка. Во целиот процес се вклучени и надворешни стручни лица, психолози и психијатри, со цел да им се помогне на учениците, но и на родителите, да се соочат со траумата и да го сочуваат менталното здравје“,
информираат од училиштето.
Оттаму посочуваат дека учениците од прво до петто одделение денеска имале редовна настава, додека оние од шесто до деветто одделение работеле со своите одделенски раководители со цел, како што додаваат, да им се даде поддршка и помош во справувањето со болката, тагата, стравот и измешаните емоции.
Утринава пред училиштето „Јохан Хајнрик Песталоци“ во скопски Центар, каде што 14-годишната Вања одеше во деветто одделение, беше отворена книга на жалост. Со рози во рацете, солзи во очите и наведнати глави, соучениците на Вања, родители и обични граѓани чекаа во ред пред училиштето за да го напишат последното збогум во книгата на жалост и да ѝ оддадат почит на малата Вања.
„Ни замина Вања“, рече наставичката која на Вања ѝ предавала од прво до трето одделение. Рече дека Вања била мирно и повлечено дете.