Слика со нејзиниот лик, прекриена со црна лента, беше поставена на маса пред влезот на училиштето
Со рози во рацете, солзи во очите и наведнати глави утрово соучениците на Вања, родители и обични граѓани чекаа во ред пред училиштето „Јохан Хајнрик Песталоци“ во скопски Центар да го напишат последното збогум во книгата на жалост отворена да ѝ се оддаде почит на малата Вања.
Слика со нејзиниот лик, прекриена со црна лента, беше поставена на маса пред влезот на училиштето.
Околу училиштето има засилено полициско обезбедување.
Директорката на „Песталоци“, Катерина Атанасова, не сакаше да даде изјави за медиумите, а обезбедувањето на училиштето забранува да се снима и да се фотографира.
„Ни замина Вања“, рече наставичката која на Вања ѝ предавала од прво до трето одделение. Рече дека Вања била мирно и повлечено дете.
„Исклучително дете. Дете за пример. И родителите беа фини и кооперативни“,
со треперлив глас додаде таа.
И градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, чекаше во редот да се потпише во книгата на жалост.
Тој вчера на својот фејсбук-профил ги повика граѓаните да останат обединети и да не подлегнуваат на шпекулации.
„Нема толку силни зборови кои можат да ја искажат болката и гневот за прерано згаснатиот живот на Вања. Чувствувам преголема болка. Еден родител не може да доживее ништо пострашно од ова што денеска се случи со Вања. Изразувам длабоко сочувство до семејството и барам максимална казна за сторителите. Од 9 часот, на службениот влез на училиштето ’Јохан Хајнрих – Песталоци’ ќе биде отворена книга на жалост. Ги повикуваме блиските и сите граѓани кои сакаат да оддадат почит да дојдат да се потпишат. Во моментот менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози се подготвува за утрешниот ден со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан. Почивај во мир Вања, ангелче младо. Бог нека ти го осветли патот“,
напиша Герасимовски.
Денеска во ова училиште не се знае на кој начин ќе биде организирана наставата.