Адвокатите на осудените сведочат за нејаснотии во законското решение и недоследности во постапките кои се пред јавните обвинителства, судовите и полицијата. Врховниот суд ќе заседава за одземањето возила за „безобѕирно управување со моторно возило“ на средината на декември
Додека на едни трајно им се одземаат возила за возење без положен возачки испит, со забрана за управување или поради прекин на важност на возачка дозвола, Собранието донесе измени на Кривичниот законик
Од почетокот на февруари до крајот на октомври МВР привремено одзело околу 2 100 возила поради сторено дело „безобѕирно управување со моторно возило“. Голем дел од случаите се за управување на возило без положен испит или со активна забрана
Одземени мотоцикли… одземени возила… полицијата одзема просечно по пет автомобили дневно… МВР стигна до 238 одземени возила… Сите овие наслови на медиумски написи се од годинава. Последица се на измените, главно, во Кривичниот законик од февруари. Со нив, се воведе одземање на моторно возило за неколку дела како – возење со повеќе од 1,5г/кг алкохол во крвта, организирање трки, но и за управување возило без положен возачки испит.

Полицијата одзема возила секогаш кога ќе фати некого во извршување на овие и неколку други дела. Но МВР одзема привремено. Трајно, може да одзеде само судот. А сега, сега стигнаа првите пресуди.
Три случаи
На 23 септември, Апелацискиот суд Гостивар донел пресуда со која одзел возило „хонда“ од сопственикот кој го управувал без положен возачки испит. Возилото не било одземено при првостепената пресуда, на што се жалело обвинителството, а повисокиот суд заклучил:
„првостепениот суд погрешно постапил кога го одбил предлогот на обвинителството за одземање на предметите кои според законот треба да бидат одземени, бидејќи во одредбата од член 300-б од КЗ предвидено е задолжително одземање…“
пишува во дел од пресудата на Апелацискиот суд во Гостивар.

Освен со одземено возило, сторителот бил казнет условно со три месеци затвор и 20 000 денари, ако не стори ново кривично дело во следната година. Добил и заштитен надзор, односно обврска да се јавува во пробациска канцеларија. Плус, добил и забрана за управување на моторно возило во рок од шест месеци.

Во септември 2026 година, Основниот суд во Тетово донел пресуда со која го одзел возилото на скопјанка, затоа што го управувала своето „фолксваген поло“ без положен возачки испит. Покрај тоа, добила условна осуда – дека ќе треба да лежи затвор три месеци ако стори ново кривично дело во следните 12 месеци. Добила и парична казна од 500 евра. Добила и забрана да управува моторно возило, односно да и се издаде возачка дозвола во следните шест месеци. За предметот има жалба пред гостиварска апелација.

Во септември 2026 година, Основниот кривичен суд во Скопје го прифатил предлогот на скопското обвинителство за издавање казнен налог за возач кој возел „мерцедес амг“ во сопственост на мајка си без да има положен возачки испит. Ниту некој барал, ниту му го одземале возилото. Казнет е со условна казна, парична казна и забрана за управување на моторно возило.
Упатства и насоки
И овие три пресуди, сите за возење без положен испит, се доволни за да се заклучи дека нема воедначена пракса при постапувањето пред се на обвинителството, а потоа и на судовите, кога е во прашање одземањето возила за безобѕирно управување со моторно возило.

Јавното обвинителство беше првата адреса од која побаравме на темата да разговараме со надлежно лице и тоа пред камера. Имаат ли упатство или друг документ? Зошто во некои случаи бараат, а во други не бараат да се одземе возилото? До објавувањето на оваа сторија, не добивме ниту интервју ниту писмен одговор на прашањата.
Со исто барање, но прилагодени прашања согласно надлежностите, се обративме и до четирите Апелациски судови. Ни одговорија сите.
Од Гостивар, каде веќе имаат правосилна пресуда, велат дека немаат напатствија кон пониските судови и дека ставот го изнесуваат преку своите одлуки. А, на прашањето, дали имаат изграден став – велат:
„Да, ние како Апелационен суд имаме став за кои кривични дела се одземаат моторните возило како законска обврска на судот предвиден во член 300-б в.в со член 100-а од Кривичниот законик, при што судот внимава на принципот на пропорционалност согласно Европската Конвенција за човекови права.“
Заклучок за одземањето возила имаат и во Штип.
„Имаме заклучок дека сепак мора истото да се третира од случај до случај, посебно имајќи ја во предвид и праксата од ЕСЧП, во поглед на двојното казнување, несразмерно казнување, заштита на сопственоста, и сл. а овој наш заклучок е проследен и до Врховниот суд на РСМ.“
И од Битолска апелација добивме одговор дека прашањето активно се разгледува и дека се очекува да пресече Врховниот суд.
Портпаролката и судијка во Апелациониот суд Скопје, Габриела Гајдова, најавува дека тоа ќе се случи веќе следниот месец.

„Со оглед на тоа дека Врховниот суд е единствено надлежен да донесе начелни правни ставови и правни мислења, а во нашата пракса е воспоставена пракса да се собираат сите четири апелациони судови и да дискутираат по спорни прашања, да донесуваат заклучоци со кои тие дилеми би е надминале, ние ова го поставивме како спорно прашање и таква средба сега ќе има во месец декември кога очекуваме да се надминат овие дилеми“,
вели Гајдова.
Една од главните дилеми кои ги имаат во Апелацискиот суд во Скопје е истата која ја имаат и останатите – пропорционалноста. На неа судиите се обврзани и со закон и со одлуките на Европскиот суд за човекови права.

Што значи тоа во пракса, судијката Гајдова ни објасни преку пример од судот во Стразбур.
„На пример, судот во една одлука има констатирано дека било непропорционално да се одземе целата животна заработка на апликантката којашто во текот на целиот нејзин живот се вработувала со лажна исправа за идентификација, односно лажна патна исправа. Судот тука оценил дека и се става прекумерен товар во смисла на степенот на неправо коешто таа го сторила како такво и целата животна заработка на друга страна… Кога судовите одлучуваат дали моторното возило треба да биде одземено, секогаш треба да водат сметка за степенот на вина на сторителот, за видот и тежината на делото, личните и семејните прилики на сторителот, казните коишто му се изречени или, со еден збор кажано, со одземањето на моторното возило да не му се става прекумерен товар на обвинетиот,“
додава таа.
Судиите, сепак, се последните во синџирот на дејствија. Нејаснотии и проблеми има уште на почетокот.

Клиентот на адвокатот Александар Тумановски возел без положен возачки испит, кога во февруари бил запрен во скопската населба Ченто.
„Со усмена наредба на обвинител се одзема возилото привремено. Истото се носи во полициска станица на чување“,
вели Александар Тумановски, адвокат на осудено лице за „Безобѕирно управување со моторно возило“.
Настанот, како што рековме се случил во февруари. По речиси половина година, на крајот на јули, обвинителството му издава казнен налог – посебна постапка за која не се одржува судско рочиште. Судот го прифатил во септември.

Но, обвинителот не барал и на осудениот не му било трајно одземено возилото. Па, сепак, успеал да си го подигне дури во ноември – речиси девет месеци откако му било привремено одземено. Толку време стоело на паркингот на една полициска станица.
„Сметам дека возилата треба да се чуваат на соодветни мести, заштитени од временски непогоди бидејќи секоја временска непогода, како во овој случај на пример, ако возилото биде оштетено треба некоја од овие институции да ја надомести штетата“,
вели Тумановски.
Еве што вели адвокатот Тумановски на прашањето – зошто било толку тешко да се врати привремено одземеното возило и по правосилна пресуда.

„Тука го гледам проблемот меѓу самите институции – полиција и обвинителство. Бидејќи кога не се одземаат предметите, обвинителот којшто дал усмена наредба, треба истиот обвинител да даде и наредба до полицијата кога не е предмет на одземање тоа возило да се врати на тие коишто се сопственици на возилото. Бидејќи, сепак, тука задираме во сопственоста којашто е неприкосновена и сепак станува збор за проблеми коишто тек ќе излегуваат од овие постапки бидејќи не се осмислени кога се носени овие законски одредби“,
додава тој.
Од обвинителството, рековме, не добивме одговор. Но, за постапката на чување и привремено одземање на возилата прашавме и во Министерството за внатрешни работи.
Ни одговорија дека од 1 февруари до 30 октомври полициските службеници привремено одзеле 2 098 моторни возила во врска со кривичното дело „безобѕирно управување со моторно возило“. Еве што ни одговорија – каде се чуваат и уште колку слободни места имаат?

„Привремено одземените моторни возила се чуваат на обезбедени места во рамки на надлежните организациски единици на Министерството за внатрешни работи.
велат од МВР.
Бројот на слободни места за сместување на привремено одземени возила е променлива категорија и зависи од тековната динамика на привремено одземање и враќање на возилата, како и од нивното предавање на други надлежни институции во секоја организациска единица посебно, кои континуирано ги менаџираат расположливите просторни капацитети согласно тековните потреби“,
Одземањето, велат од МВР, секогаш се прави согласно Законот за кривична постапка – што значи по насока и наредба од јавен обвинител. А, на конкретното прашање, дали за евентуално враќање се чека известување од обвинител или од суд, ни одговорија:
„Постапката за враќање на привремено одземените возила се спроведува поединечно за секој конкретен предмет, на ниво на надлежните организациски единици, врз основа на одлуките донесени од надлежните правосудни органи“.
И додека институциите се обидуваат да ги решат дилемите кои произлегуваат од новото законско решение, во Собранието се случи измена на Кривичниот законик.
На предлог на пет пратеници на власта, меѓу другото, сменет е дел од членот за Безобѕирно управување на моторно возило.

Во пракса, законот веројатно ќе ги доведе полицајците, обвинителите и судиите во позиција да не можат да одземаат возила само поради возење без положен испит или при забрана за возење. А, бидејќи новото решение е поблаго, извесно е дека ќе им ги врати колите на оние кои им се одземени – но само ако немаат правосилна судска пресуда.
