Во однос на неговата посета во Украина и моменталната состојба таму, претседателот на Собранието Талат Џафери посочи оти, меѓу другото, намерата била и да се посетат одредени делови на земјата кои претходно биле зафатени од воени дејствија за, како што рече, на самото место да се видат последиците од тие дејствија

Физичкото присуство значи лична и институционална поддршка на напорите на институциите и на државата Украина да го вратат мирот и да ја вратат контролата врз целата своја територија, рече претседателот на Собранието Талат Џафери во врска со неговата посета во Украина и додаде дека во рамки на меѓудржавните можности и обврски, поддршката е повеќезначна, но таа сепак зависи и од конкретните одлуки на институциите.
„Ние сме вклучени кон сите мерки кои што се преземени од Европската Унија и од меѓународната заедница и како таква обврска која произлегува оттаму, произлегуваат и други последователни одлуки во однос на потребата која ќе се искаже“,
рече Џафери додавајќи дека обврските произлегуваат од членството на С Македонија во НАТО и аспирациите за членство во ЕУ.
Тој додаде дека е неспорно и несомнено да се зборува и за финансиска и за материјална и за помош од кој било друг аспект од наша страна кон Украина.
„Секако мислам дека како Собрание треба да размислиме по однос на дефинирање на состојбите во Украина во однос на злоделата кои се направени таму, секако во координација со другите чинители во државата, со цел да се иницира таква Резолуција и Декларација на Собранието“
додаде тој.
Во однос на патувањето во Украина и моменталната состојба таму, претседателот на Собранието посочи оти, меѓу другото, намерата била и да се посетат одредени простори кои претходно биле зафатени од воени дејствија за, како што рече, на лице место да се видат последиците од тие дејствија.
Тој, сепак додаде дека моралот кај граѓаните и институциите во Украина е на високо ниво.
„Секако дека она што можев да го кажам како позитивен впечаток е дека луѓето ја разбираат ситуацијата и се во рамки на она што им се случува во државата. Тие што се работоспособни се на работа и во институциите и во други аспекти на работа. Земјоделството, од она што можеше да се види е дека земјата е обработена, посеана во овој дел и впечатокот е дека моралот и кај граѓаните и кај институциите е на високо ниво“,
истакна Џафери.
На прес-конференцијата, Џафери посочи оти со задоволство ја прифатил поканата за посета на Украина од претседателот Врховната рада, Руслан Стефанчук, и оти зоната по која се движел до Украина била надвор од воените дејствија.
„Патувањето се одвиваше комбинирано, со авион до Варшава, од Варшава до границата со моторни возила, а оттаму до Киев со специјален воз и специјална линија која е воспоставена за странски делегации кои ја посетуваат Украина“,
додаде Џафери.
Претседателот на Собранието Талат Џафери беше во официјална посета на Украина, по поканата од неговиот украински колега, претседателот на собранието во Украина, Руслан Стефанчук. Оваа посета на Џафери е прва од овој вид на висок претставник од регионот и прва посета на висок функционер од Северна Македонија на Украина.
Во текот на посетата и на средбите со своите украински колеги, Џафери, меѓу другото, посочи и дека Северна Македонија е спремна да се приклучи и кон намерите за обнова на Украина, по завршувањето на оваа, како што рече, бесмислена војна.