Од Министерството за надворешни работи велат дека по избувнувањето на пожарот во познатото туристичко место на првиот крак на Халкидики, македонски државјани телефонски се обратиле до дипломатско-конзуларното претставништво во Солун од каде што им биле пренесени упатствата и насоките издадени од надлежните грчки власти
До овој момент од надлежните институции во Грција не е добиена официјална информација за бројот на евакуирани македонски државјани од подрачјата зафатени со пожарите – соопштија вечерва од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија откако попладнево избувна голем шумски пожар кај познатата туристичка населба Сивири на првиот крак на полуостровот Халкидики во Грција.

Од МНР велат дека по избувнувањето на пожарот, македонски државјани телефонски се обратиле до македонското дипломатско-конзуларното претставништво во Солун од каде што им биле пренесени упатствата и насоките издадени од надлежните грчки власти. Оттаму велат дека продолжуваат да ја следат состојбата, а до нашинците во засегнатите подрачја во Грција апелираат да ги почитуваат упатствата и насоките на надлежните.
„За дополнителни информации и итна помош, на располагање се дежурниот телефонски број на Министерството +389 75 268 736, електронската адреса [email protected], како и дежурните телефонски броеви на Конзулатот на Република Северна Македонија во Солун: +30 694 526 8068 и +389 71 323 001“,
велат од МНР.
Инаку, од приморското место Сивири во Грција досега по морски пат се евакуирани над 400 лица, а евакуација по море се спроведе и од дел од плажите во местото Фурка. Таму попладнево избувна голем шумски пожар кој поради ветрот се прошири и стигна до плажите и домовите. Пожарот го гаснат над 100 пожарникари.
