Огнот избил околу 14 часот по локално време во областа Сивири и поради ветрот брзо се проширил, приближувајќи се кон домовите. Властите наредија итна евакуација на жителите и туристите од Сивири и од околната населба Фурка, известувајќи ги за состојбата преку СМС-пораки испратени од грчкиот систем за алармирање во итни случаи
Голем шумски пожар попладнево избувна во крајбрежната туристичка населба Сивири на првиот крак од полуостровот Халкидики во Грција. Огнот избил околу 14 часот по локално време и поради ветрот брзо се проширил, приближувајќи се кон домовите. Властите наредија итна евакуација на жителите и туристите од Сивири и од околната населба Фурка, известувајќи ги за состојбата преку СМС-пораки испратени од бројот 112.
Грчкиот систем за алармирање во итни случаи нешто по 15 часот издал наредба евакуација на луѓето од Сивири кон Мола Калива, а потоа и околу 16 часот наредил евакуација на луѓето од Фурка кон Скиони. Во меѓувреме, како што пишува грчки „Екатимерини“, се спроведува и евакуација по морски пат од плажата во населбата Папакирици во Фурка. Во евакуацијата се вклучени брод, девет приватни чамци и патнички глисер.
Во гаснењето на пожарот учествуваат 142 пожарникари, вклучувајќи четири специјализирани екипи за гаснење пожари и 42 возила. Рапоредени се и девет авиони и седум хеликоптери, вклучувајќи еден хеликоптер кој ја координира воздушната операција. Во акцијата учествуваат и цистерни за вода и тешка механизација.
Засега не е утврдена точната причина за избувнување на пожарот, кој се случува во момент кога поширокиот регион на Халкидики се соочува со зголемен ризик од пожари.
