Република Северна Македонија е слободна земја и добредојдени се сите оние кои сакаат да ја посетат земјава; привилегија која не подразбира дека е прифатливо од овде да се искажуваат навреди, особено не тези кои подразбираат територијални претензии или негирање и навреди по основ на етнички, религиски или други идентитетски основи, гласи дел од реакцијата на МНР во врска со вчерашните инциденти пред и за време на натпреварот помеѓу Шкупи и Левски
Насилството е неприфатливо во ниту еден случај, особено не кога тоа резултира со тешки повреди, а органите за безбедноста ја имаат сета поддршка во спроведување на јавниот ред и мир.
Ова е дел од реакцијата на Министерството за надворешни работи (МНР) во која се осудуваат вчерашните инциденти во Скопје пред и за време на натпреварот на скопскиот клуб Шкупи и бугарскиот Левски.
Вчера беа регистрирани неколку инциденти, а полицијата приведе вкупно 21 навивач (19 на Левски, двајца на Шкупи). Во Чаир, пак, беше регистриран инцидент каде еден бугарски навивач беше прободен со нож.
„Повредениот бугарски државјанин е третиран професионално и со соодветна грижа; во моментов тој се наоѓа во стабилна, но тешка состојба, и по хируршкиот третман закрепнува во болница во Скопје. Претставници на бугарската амбасада се во постојан контакт со повредениот бугарски државјанин и неговите роднини, како и со локалните здравствени власти. Надлежните органи на Република Северна Македонија веќе ги презедоа и ќе продолжат да ги преземаат неопходните мерки за ефективна истрага и гонење во врска со настанатите инциденти“,
велат од МНР.
- Обвинителството со детали за прободувањето на бугарскиот навивач во Чаир
- Имало повеќе обиди за прободување на бугарскиот навивач во Чаир – еден бил успешен, јавува Нова.бг
Приведените бугарски навивачи, пак, како што соопшти МВР претходно, освен што го нарушиле јавниот ред и мир, нападнале и полицајци. Дел од нив, јавно во изјави за медиумите од Скопје порачуваа и дека „Македонија е Бугарска“.
Во врска со ваквите случаи, во реакцијата од МНР денеска порачуваат дека во земјава се добредојдени сите, но тоа не подразбира и оти се прифатливи навреди посебно со искажување територијални претензии.
„Република Северна Македонија е слободна земја и добредојдени се сите оние кои сакаат да ја посетат земјава; привилегија која не подразбира дека е прифатливо од овде да се искажуваат навреди, особено не тези кои подразбираат територијални претензии и/или негирање и навреди по основ на етнички, религиски или други идентитетски основи. Како и порано, прекршувањето на овие правила ќе биде соодветно адресирано од страна на надлежните институции, а на ваквите поединци ќе им биде ограничена привилегијата за присуство во земјава“,
велат од МНР.
Северна Македонија и Бугарија, додаваат од Министерството, се добри соседи кои политичките разлики ги надминуваат со дипломатски средства, негувајќи ја културата на добрососедски дијалог.
За вчерашните инциденти денеска коментираше и дел од државниот врв во земјава. Премиерот Димитар Ковачевски оцени дека тие биле направени од хулигани од двете страни кои немаат врска со спортот.
„Тоа што вчера се случи беше уште еден доказ дека фудбалот и кој било друг спорт треба да се остават на спортистите и на вистинските навивачи, а не на хулигани кои ги преземаат сите вести и никој не зборува кој фудбалер како играл, туку сите зборуваат кои се тие 10, 15, 20 хулигани коишто се тепале и меѓу себе, и повредиле и полицаец чија повреда му е санирана и е пуштен на домашно лекување благодарение на лекарите“,
рече Ковачевски.