Со организирани чартер-летови и преку хуманитарни конвои заклучно до денеска во земјава се вратени 3 032 државјани кои со кризата беа затекнати во странство.
Како што соопшти МНР, од посочената вкупна бројка 2 022 се вратени со летови од 13 земји (Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија, Швајцарија, Велика Британија, Белгија, Франција, Шведска, Данска, Холандија и Италија) на летовите од 15 градови (Валета, Загреб, Љубљана, Минхен, Берлин, Бон/Келн, Виена, Базел, Лондон, Брисел, Париз, Стокхолм, Копенхаген, Ајндховен и Венеција), а 214 граѓани со четири хуманитарни конвои (автобуси и автомобили) од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија и од Турција.
На 573, пак, им е помогнато со насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана.
Со регулирана постапка во комуникација со српските органи, самостојни дозволи во посредство на МНР биле издадени на 149 македонски граѓани за да ги преминат српските граници како би се вратиле во земјата.
„Со ова се исполнија барањата на нашите граѓани за враќање во земјата во контекст на чартер летовите, но предвидени се и дополнителни хуманитарни конвои, а Министерството во соработка со надлежните власти на другите држави, ќе продолжи и со помагање при индивидуални дозволи за транзитирање таму каде што условите тоа го дозволуваат“,
наведуваат од МНР.
Воедно, во духот на солидарноста и добрата соработка како со земјите од регионот, така и со земјите членки на ЕУ и НАТО, но и пошироко, посочува МНР, овозможена е репатријација и на повеќе од 759 странски државјани кои биле затекнати во земјава, од Скопје се вратени во своите земји, меѓу кои: Австрија, Велика Британија, Германија, Австралија, САД, Чешка, Унгарија, Словачка, Швајцарија, Италија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Косово, Малезија и др.
На тој принцип, во соработка со други земји и нивните министерства за надворешни работи, им било помогнато и на 74 наши државјани да се вратат дома од земјите од Централна и Јужна Америка, Полска, Нов Зеланд и од Обединетите Арапски Емирати.
Денеска попладне со лет од Венеција беа вратени 152 македонски државјани. Според МНР, тоа ќе биде и последниот организиран авионски превоз за репатрирање на наши граѓани затекнати во странство.