Со организираниот лет за репатријација на македонските граѓани затекнати во Италија, денеска се вратени 152 македонски државјани.
Како што информираат од Министерството за надворешни работи, од пријавените 180 лица што го потврдиле враќањето, 152 лица пристигнале на аеродромот во Венеција и се качиле на летот кон Скопје.
По пристигнувањето во земјата, тие ќе бидат упатени во задолжителен државен карантин во времетраење од три седмици, согласно одлуката на Владата, а во организација на генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство.
На летот кон Италија во координација со италијанската амбасада во земјава, беше организирана репатријација и на 32 странски државјани кои беа затекнати во Скопје, соопштуваат од МНР.
Според статистиката на МНР, заклучно со 10 април, во земјата организирано со 11 лета и четири-хуманитарни конвои во земјава се вратени 2 704 наши државјани затекнати во странство, а репатрирани беа и над 700 странски државјани.
*Поврзана вест
Влада: Задолжителниот карантин за нашите државјани кои доаѓаат од странство се продолжува на 21 ден