Не успеа обидот на претседателот на собраниската Комисија за надворешни работи, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, да протурка предлог за усвојување резолуција за осуда на бугарскиот објаснувачки меморандум
Пратениците од мнозинството,како и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и шефот на дипломатија Бујар Османи не се појавија на денешната седница на собраниската Комисија за надворешни работи, што ја закажа нејзиниот претседател Антонио Милошоски, во врс.ка со ситуацијата со Бугарија
Поради немање кворум, Комисија не расправаше по единствената точка на дневен ред „Утврдување национален став во врска со позициите на официјална Софија по однос на македонските ЕУ-интеграции, засновани на објаснувачкиот меморандум усвоен од Бугарија“.
Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ информираше дека до почетокот на седницата не добил известување за спреченост од членовите на Комисијата од владејачкото мнозинство и нивните коалициски партнери.
На седницата, посочи тој, биле поканети и министерот за надворешни работи и вицепремиерот Никола Димитров.
„Сметам дека ваквото саботирање и избегнување на присуство на седницата на Комисијата само покажува дека тие не се заинтересирани да има заеднички национален став по однос на македонските интереси во спорот, кој е наметнат од страна на соседна Бугарија, преку објаснувачкиот меморандум“,
изјави Милошоски.
Тој посочи дека на денешната седница на Комисијата имал за цел да предложи гласање по предлог-заклучок за усвојување резолуција што ќе го осуди бугарскиот објаснувачки меморандум како историски анахронизам, спротивен на европските вредности и самобитноста на македонскиот народ, како дел од европската културна заедница и основна вредност за европска интеграција.
Комисијата, заедно со Милошоски, брои 13 членови од кои седум се од партиите кои се дел од парламентарното мнозинство, додека од шест членови од опозицискиот табор пет се од ВМРО-ДПМНЕ, а еден од Алтернатива.