По вечерашното обраќање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со односите со Бугарија, од СДСМ реагираат дека тој продолжува да делува антидржавно и на штета на националните интереси.
Секогаш кога се во прашање националните интереси и иднината на државата и нејзините граѓани, велат социјалдемократите, Мицкоски е на спротивната страна.
„Денес, Мицкоски со своите антидржавни и антиевропски ставови се обидува да ја поткопа меѓународната позиција и да ја загрози европската иднина на државата. Како што не успеа претходно, така нема да успее ниту сега“,
реагираат од СДСМ.
Социјалдемократите го обвинуваат Мицкоски дека бил против членството во НАТО, а сега е против европската иднина кога се наоѓаме во период пред почеток на преговарачкиот процес со Унијата.
„Јавноста многу добро памети како лично Мицкоски на Бојко Борисов јавно му кажа дека го поддржува, односно ‘поткрепа’ Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, додека дома го нарекуваше капитулантски“,
додаваат од СДСМ.