На денешната прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека на почетокот на март ќе се знаат носителите на листите за пратеници, а другите кандидати ќе бидат познати околу 10 март
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конференција најави повеќе проекти во областа на инфраструктурата, ако има смена на власта по изборите на 12 април. Одговарајќи на новинарски прашања, тој го повика повторно на ТВ-дуел лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Мицкоски апелираше до својот политички противник да не бега од телевизиско соочување, иако од СДСМ уште вчера одговорија дека „извршителот Мицкоски допрва ќе се поти пред камери“.
„Мислам дека тоа е добра алатка, пред граѓаните да се соочат двајцата кандидати за мандатар за состав на идната влада. Добро е да направиме рекапитулар на случувањата во последните неколку години. Затоа, Заев да не се крие и да излезе на ТВ-дуел, за граѓаните да заклучат дали државата навистина оди по ’прав пат’ или и треба обнова од овој пекол во кој се наоѓаме“,
изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера, преку социјалните мрежи, упати апел до Заев за ТВ-соочување.
На денешната прес-конференција Мицкоски најави дека носителите на листите на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори ќе се знаат во почетокот на следниот месец, односно во периодот од 1 до 5 март. Другите кандидати ќе бидат познати околу 10 март. Повтори и дека најголем дел од кандидатите ќе бидат првпат на листите, ама дека ќе има и искусни кадри.
Мицкоски повторно го обвини Заев дека е „глава на октоподот“, односно дека е одговорен за случајот „Рекет“. Посочи на средби што поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, наводно, ги имала во претседателската резиденција на Водно, како и дека Бојан Јовановски одел на состаноци во Владата.
„Сега многу јасно се гледа главата на октоподот. Рекетот, очигледно, станал семејна забава. Не само Зоран Заев туку и неговиот брат се состанувал со еден од обвинетите. Говидовме како бара правда. Сигурно бара нова, којзнае која по ред амнестија. Секој обвинител што сака да го приведе овој случај кон крај знае кој е главниот сценарист на ’Рекет’“,
обвини Мицкоски.