ТВ-соочување на Христијан Мицкоски со претседателот на партијата, Зоран Заев, имало и ќе има, одговараат од СДСМ на предизвикот од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за телевизиски дуел.
„Допрва Христијан Мицкоски ќе се поти пред камерите, пред граѓаните. Не успеа да го одбрани криминалот на својот шеф Никола Груевски, не успеа неговиот обид да ја спречи правдата, не успеа да го попречи членството во НАТО и ЕУ. Извршителот Мицкоски е очаен губитник, покорен од сите негови порази“,
наведуваат социјалдемократите во партиското соопштение.
Тие потсетуваат дека од заробена држава за само две и пол години земјава станала светол пример во регионот, 30-та земја членка на НАТО и, како што наведуваат, слободна, демократска, економски напредна држава.
„Претседателот Заев и сите претставници на СДСМ во изминативе две и пол години покажаа дека се транспарентни, отчетни и подготвени за дебата како со политичките противници така и со стручната јавност, новинарите. Тоа беше незамисливо за време на 11-годишниот режим на ВМРО-ДПМНЕ во кој Мицкоски беше најнеуспешен директор на ЕСМ, кој ја поскапе струјата за 100 проценти. Извршителот Мицкоски чекор назад, претседателот Зоран Заев три чекори напред“,
пишува СДСМ.
Претходно, Мицкоски преку социјалните мрежи рече дека досега прифатил две понуди за ТВ-дуел со Заев и го предизвика да ги прифати за да дебатираат на повеќе теми, меѓу кои и – зошто Заев градел кариера врз лаги, за уценети слуги, за бизнисите со марихуана, за правдата итн.