Според Мицкоски, во Бугарија ликуваат дека предлогот ги содржи сите нивни барања кои, како што вели, се крајно неповолни за Македонија и тежнеат кон негирање на македонскиот идентитет, јазик и историја.
Никој од јавноста досега официјално не видел што содржи Протоколот, тврди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за српска „Политика“.
Вели дека тоа е клучен документ кој ги диктира преговорите и кој ќе даде дополнителна легална рамка на бугарските барања.
„Него треба да го потпишат владите на Бугарија и на Македонија и во него ќе бидат содржани практично сите барања на Бугарија. Тоа, да речеме, подразбира измена на учебниците во делот на историски личности и настани во Македонија. Доколку Комисијата за историски прашања помеѓу двете земји поради било која причина не се усогласи во тој рок да смени некоја табла пред споменик или страница од учебник, тогаш тоа ќе биде аргумент Бугарија да постави ново вето“
вели Мицкоски, додавајќи дека јавноста била изманипулирана од Владата дека првичниот француски предлог е одбиен, за потоа истиот тој предлог со незначителни и козметички барања да биде прифатен.
Вели дека протестите добиваат поддршка од интелектуалци, експерти за евроинтеграциски прашања, но и од поддржувачи на владејачките партии.
Според Мицкоски, во Бугарија ликуваат дека предлогот ги содржи сите нивни барања кои, како што вели, се крајно неповолни за Македонија и тежнеат кон негирање на македонскиот идентитет, јазик и историја.
„Ако ја погледнеме рамката за преговори која и се нуди на Македонија ќе видите дека се разликува од преговарачката рамка која е дадена на било која друга земја која била кандидат за членство. Внесен е билатерален проблем како дел од преговорите, а решавањето е можно само со прифаќање на бугарскиот диктат. Вториот преседан е почнувањето на суштинските преговори и отворање на поглавја, кои ќе започнат со промената на Уставот на Македонија. Овде повторно имаме уцена, ултиматум или диктат. Ако на ова се додаде и едностраната декларација на Бугарија, со која директно се негира посебноста на македонскиот јазик и се нотира дека македонскиот јазик е бугарски дијалект- очигледно е во каква позиција се наоѓа Македонија, која нема никаква гаранција од ЕУ за европска перспектива. После сите голготи кои ги помина, македонскиот народ не може да се согласи со овој предлог“
вели Мицкоски.
Во интервјуто за српска „Политика“ рече дека членството во Европската унија не е само формална цел, туку целта е да се изгради просперитетна и економски силна држава која гарантира подобра иднина за граѓаните. Во однос на иницијативата „Отворен Балкан“, Мицкоски вели дека ја поддржува, но не смее да биде алтернатива за ЕУ.
„Реформите на земјите на Балканот се насушни и треба да продолжат без разлика тоа дали тие се резултат на некоја регионална соработка или се спроведуваат од секоја земја поединечно. Јас верувам во идејата на обединет Балкан во обединета Европа. Живеам за идеата на Шуман, која не смееме да дозволиме да избледне. Мојот сон е дел од европското семејство да бидат и горди и достоинствени Македонци , и ќе се борам тој сон да биде јаве. Верувам во европските вредности и принципи и убеден сум дека ако работиме посветено, можеме да ги оствариме своите цели“
рече Мицкоски.