Во врска со еуфоричниот пречек, Мицкоски вели дека во медиумите прочитал извинување од Груби и неговото семејство, во кое изразуваат жалење доколку случувањата предизвикале немир или вознемиреност кај граѓаните
Во текот на вчерашниот ден, преку соопштение до медиумите, адвокатскиот тим на Груби упати извинување до граѓаните, за кои велат дека можеби биле вознемирени од пречекот во скопски Чаир проследен со факели и огномет. Собирот велат дека бил спонтан, организиран од граѓани, соседи и пријатели на Груби и одбележан без политички пораки и обележја
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека таквиот пречек во скопски Чаир на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, по укинување на мерката куќен притвор, не му оди во прилог, туку дополнително му ја отежнува положбата.

Одговарајќи на новинарско прашање за славењето во Чаир што се одржа по укинувањето куќниот притвор на Груби, како и на констатацијата дека тој сега е слободен граѓанин како и премиерот, Мицкоски рече дека поранешниот вицепремиер сè уште има ограничувања.
„Не би рекол дека е слободен, како што јас сум слободен. Јас ја имам мојата патна исправа и можам да го напуштам градот и државата“,
вели Мицкоски.
Според информациите што ги добил, вели дека по истекување на законскиот рок од 60 дена, судот има обврска да ја укине мерката куќен притвор и да определи друг начин на обезбедување присуство на обвинетиот, како одземање на патната исправа.
Во врска со еуфоричниот пречек, Мицкоски вели дека во медиумите прочитал извинување од Груби и неговото семејство, во кое изразуваат жалење доколку случувањата предизвикале немир или вознемиреност кај граѓаните.
Според него, тие не се организиратори, ниту имаат намера да бидат организатори, како што додаде, на таков тип егзалтично однесување на поединци.
„Претпоставувам дека тоа е дел од карактерот на поединци кои мислат дека со вакот тип на естрада им помагаат на своите сопартијци, но мислам дека грешат, напротив им отежнуваат“,
вели Мицкоски.
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, а кој излезе од куќен притвор откако мерката му беше укината по сила на законот, вечерта на 13 октомври во скопски Чаир беше пречекан од своите сограѓани со факели и чадни бомби. Од видеата објавени на социјалните мрежи може да се види дека Груби по прошетката низ чаирските улици заедно со десетици граѓани седи во ресторан.
Додека Груби се движеше по улицата во придружба на пријателите и симпатизери, можеше да се слуше пукање огномет.
Во текот на вчерашниот ден, преку соопштение до медиумите, адвокатскиот тим на Груби упати извинување до граѓаните, за кои велат дека можеби биле вознемирени од пречекот во скопски Чаир проследен со факели и огномет. Собирот велат дека бил спонтан, организиран од граѓани, соседи и пријатели на Груби и одбележан без политички пораки и обележја.
Оттаму велат и дека Груби не учествувал во неговата организација.
Адвокатскиот тим на поранешниот вицепремиер посочи и дека во нивниот фокус останува правната одбрана и обезбедувањето законита и правична судска постапка.
