Неправилности се утврдени и кај проектот за изградба на рекреативен парк во селото Зајас, со договорена вредност од речиси 30 милиони денари. За реализација на градежните, хортикултурните, хидротехничките и електроинсталациските работи било издадено одобрение за поставување урбана опрема наместо одобрение за градење. При теренскиот увид, паркот бил затекнат во влошена и запуштена состојба, со делумно оштетена и нефункционална опрема и без зеленило. Поради разликите меѓу договореното и фактичката состојба, ревизорите не можеле да потврдат дали исплатените средства одговараат на реално изведените работи
Ревизијата утврдила и дека за 100 телефонски броја нема поткрепувачка документација дека се распределени на конкретни вработени, од кои 37 биле целосно неактивни, иако за нив е платена месечна претплата во износ од 52 илјади денари, односно 624 илјади денари годишно
Општина Кичево не презела соодветни мерки за наплата на старите побарувања, не ја ревидирала проценетата вредност на недвижниот имот, а во последните четири години не иницирала постапка за донесување урбанистички планови. Истовремено, реализирала капитални проекти во вредност од околу 926 000 евра кои не биле предвидени во годишната програма, без соодветна проектна документација и стручен надзор. Ова го утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) при контролата на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Кичево за 2024 година.

Поради утврдените неправилности и неусогласености, ДЗР изразил неповолно мислење за финансиските извештаи за 2024 година и за усогласеноста на работењето на општината со законската регулатива, за сметките на основниот буџет 630 и 637.
Ревизијата утврдила разлика од 32,9 милиони денари, односно околу 533 000 евра, меѓу сметководствената и даночната евиденција. Општината имала евидентирано побарувања од 14,56 милиони денари, од кои 43 отсто биле постари од десет години, а 57 отсто од пет години. Поради непреземените мерки за нивна наплата, постои неизвесност дали тие ќе бидат наплатени.
Иако општината испраќала опомени за неплатените обврски, во 2025 година решенија за присилна наплата биле донесени само за 150 даночни обврзници. Ревизорите утврдиле и дека не се пресметувала и наплатувала камата за задоцнето плаќање на данокот на имот и комуналната такса за фирма.
Дополнително, вредноста на недвижниот имот врз основа на која се утврдувал данокот се темелела на процени од 2008 година, без да бидат преземени активности за ревизија на пазарната вредност. Кај 1 341 даночен обврзник данокот на имот бил утврден во износ до 200 денари, што, според ДЗР, упатува на ниско утврдена вредност на имотот.
Во 2024 година општината не остварила приходи од комунални такси за користење музика во јавни локали, истакнување реклами, објави и огласи, како и за одржување на јавната чистота. Утврдени се и неправилности при давањето под закуп на општински имот и поставувањето урбана опрема. Голем број објекти користеле јавни површини без соодветни одобренија и платени комунални такси.
Ревизорите посочуваат и дека кај бесправно изведените надградби, кои не биле во согласност со правосилно издадените одобренија, не биле преземени мерки по спроведениот инспекциски надзор. Утврдена е и неактивност во постапките за поништување одобренија, како и недостиг од механизам за присилно отстранување на бесправните надградби.
Ревизорите не можат да ги потврдат исплатите за изградба на паркот во Зајас
Во однос на капиталните инвестиции, во 2024 година биле исплатени 57,15 милиони денари, односно околу 926 000 евра, за проекти кои не биле предвидени во годишната програма. Кај реконструкцијата на локални улици и патишта биле утврдени надминувања на договорените вредности без анекс-договори, отстапувања во изведбата, несоодветен стручен надзор, недостиг од проектна документација и фактурирање работи за кои немало докази дека биле изведени.
Меѓу проектите се реконструкцијата на спортската сала „Јанчица“, со реализирана вредност од 33,3 милиони денари, односно околу 540 000 евра, и реконструкцијата на општинската зграда, вредна 72,2 милиони денари, или околу 1,17 милиони евра. Според ДЗР, овие проекти не биле предвидени во соодветните програми за наведените години.
Неправилности се утврдени и кај проектот за изградба на рекреативен парк во селото Зајас, со договорена вредност од речиси 30 милиони денари. За реализација на градежните, хортикултурните, хидротехничките и електроинсталациските работи било издадено одобрение за поставување урбана опрема наместо одобрение за градење.

При теренскиот увид, паркот бил затекнат во влошена и запуштена состојба, со делумно оштетена и нефункционална опрема и без зеленило. Поради разликите меѓу договореното и фактичката состојба, ревизорите не можеле да потврдат дали исплатените средства одговараат на реално изведените работи.
„Изградбата на објект без соодветно одобрение за градење, разликите помеѓу договорената и фактичката состојба на терен и неодржувањето на изведбата, влијае на квалитетот на изведените работи и ја прават инвестицијата нефункционална, со што се доведува во прашање целта на проектот и наменското трошење на буџетските средства“,
се вели во извештајот на ДЗР.
Општината ќе плаќа по 34 000 евра месечно за улично осветлување во период од 15 години
Ревизијата утврдила значајни неправилности во постапката за јавно-приватно партнерство за модернизација и одржување на уличното осветлување во Општина Кичево. Поради вредноста на договорот и долгорочните финансиски обврски, ДЗР го оценува проектот како прашање со висок ризик за општинскиот буџет. Забелешки се утврдени во сите фази на постапката, вклучително и недостиг од целосна подготвителна документација и слабости во спроведувањето на договорот.
Проектот предвидува замена на 6 500 постојни светилки со енергетски ефикасни ЛЕД-светилки, поставување дополнителни 1 000 светилки и воведување систем за централна контрола, како и одржување на целокупниот систем.
Вкупната вредност на договорот изнесува 376,5 милиони денари со ДДВ, односно околу 6,1 милион евра. Општина Кичево треба да му исплаќа на приватниот партнер по 2,09 милиони денари месечно, или околу 34.000 евра, во период од 15 години, преку вкупно 180 месечни надоместоци.
Ревизијата утврдила и неправилности во пресметката и исплатата на плати, надоместоци и трансфери кон физички лица. Меѓу нив е и непресметан данок на личен доход во износ од 438 000 денари.
Забелешки се констатирани и во користењето на мобилната телефонија. Договорот, склучен во декември 2023 година на две години, е вреден 3,3 милиони денари и опфаќа најмалку 100 телефонски броеви и субвенции за набавка на електронски уреди.
„За 100 телефонски броја нема поткрепувачка документација дека се распределени на конкретни вработени, од кои 37 биле целосно неактивни, иако за нив е платена месечна претплата во износ од 52 илјади денари, односно 624 илјади денари годишно“,
пишува во извештајот.
Дополнително, за изградба и одржување на електричната мрежа и јавното осветлување биле исплатени 1,94 милиони денари без соодветна придружна документација.
Неправилности биле утврдени и во јавните набавки, меѓу кои непријавување набавки под вредносните прагови во кварталната евиденција на Електронскиот систем за јавни набавки, како и надминување на законскиот праг за набавки од овој вид.
За надминување на утврдените состојби, Државниот завод за ревизија дал препораки до надлежните лица и органи за преземање мерки со цел подобрување на работењето на Општина Кичево.
