Поранешниот прв вицепремиер синоќа излезе од куќен притвор бидејќи истече максимално предвидениот законски рок за оваа мерка

Со факели и чадни бомби, десетици граѓани синоќа во скопски Чаир го поздравија поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој е второобвинет во случајот „Државна лотарија“, а кој излезе од куќен притвор откако мерката му беше укината по сила на законот.
Додека Груби се движеше по улицата во придружба на пријателите и симпатизери, можеше да се слуше пукање огномет. Од видеата објавени на социјалните мрежи може да се види дека Груби по прошетката низ чаирските улици заедно со десетици граѓани седи во ресторан.
Груби синоќа излезе од куќен притвор бидејќи истече максимално предвидениот законски рок за оваа мерка. Според судското соопштение, согласно член 470 од Законот за кривичната постапка (ЗКП), мерката притвор односно куќен притвор по поднесен обвинителен предлог не може да трае подолго од 60 дена. Имајќи предвид дека обвинителниот предлог бил поднесен на 13 август 2026 година, Кривичниот совет донел решение за нејзино укинување поради истекување на законскиот рок.
Од Основниот кривичен суд Скопје рекоа дека му се определени мерки за претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за повремено јавување во судот, забрана за приближување и остварување контакти со одредени лица.
Судот дополнително информираше дека Груби и понатаму останува без патната исправа и има забрана за издавање нова или друг документ за преминување на државната граница. Оваа мерка останува откако Кривичниот совет го разгледал предлогот на одбраната за укинување на оваа мерка со понудена гаранција, но по добиено негативно мислење од надлежното јавно обвинителство, донел решение со кое барањето на одбраната е одбиено.
