Тој додава дека иднината мора да биде ослободена од етнички тензии, политички манипулации и поделби кои со години се користеле како замена за резултати, нагласувајќи ја обврската на идните поколенија да им се остави постабилна, поуспешна и поправедна држава

Охридскиот рамковен договор е дел од нашата понова историја и од политичката и институционалната реалност на државата, а на овој документ треба да гледаме со зрелост, почит кон различните ставови и одговорност кон иднината, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски преку статус на својот официјален профил на Фејсбук, а по повод 25-годишнината од потпишувањето на договорот со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.
Мицкоски истакна дека е свесен оти Договорот различно се доживува и толкува меѓу граѓаните, но потенцира дека историјата не треба да се приспособува на дневната политика ниту да се очекува сите да имаат ист однос кон настаните од минатото.
„Наша обврска е од минатото да извлекуваме поуки и да градиме држава во која различностите нема да бидат причина за поделби, туку реалност со која управуваме мудро, одговорно и во рамките на институциите“,
напиша премиерот.
Според претседателот на Владата, повеќе од две децении подоцна, пред државата стојат нови предизвици кои бараат обединување на сите граѓани, без оглед на нивната етничка, верска или политичка припадност.
„Денешните генерации очекуваат функционални институции, еднаквост пред законите, квалитетно образование, подобро здравство, повисок животен стандард, економски развој и можности својата иднина да ја градат дома. Тоа се прашањата околу кои треба да се обединуваме, без оглед на етничката, верската или политичката припадност“,
пишува Мицкоски.
Во својата порака, премиерот подвлече дека е време политиката сè помалку да се занимава со работите што ги разделуваат граѓаните, а повеќе со она што треба заеднички да се изгради.
„На Македонија ѝ е потребно општество во кое вредноста на човекот нема да се мери според неговото потекло, туку според неговото знаење, труд, чесност и придонес кон заедницата. Држава во која институциите ќе му служат на граѓанинот и во која напредувањето ќе зависи од способноста и резултатите“,
истакна Мицкоски.
Тој додава дека иднината мора да биде ослободена од етнички тензии, политички манипулации и поделби кои со години се користеле како замена за резултати, нагласувајќи ја обврската на идните поколенија да им се остави постабилна, поуспешна и поправедна држава.
По повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор денеска во Владата се одржа свечена седница на која вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски рече дека четвртина век е доволно долг период за да се извлечат одредени поуки, но и да се видат одредени работи од дистанца.
Николоски додаде дека пред 25 години државата избрала да тргне по патот на соработка, на дијалог, на меѓусебно почитување и меѓусебно разбирање.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од тогашниот претседател Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери, и на ДПА, Арбен Џафери. Договорот го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
За успешна имплементација на договорот беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформира во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
