Вицепремиерот Александар Николоски на свечената седница потсети дека во постигнување на Договорот учествуваа и претставници на, како што рече, нашите партнери од Европската Унија и од НАТО и нагласи дека таму државата природно припаѓа, не само поради својата политичка определба, туку и поради јасната определба на сите што живеат во неа – прозападна и проатлантска

Четвртина век е доволно долг период за да се извлечат одредени поуки, но и да се видат одредени работи од дистанца, рече вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на денешната свечена седница на Владата по повод 25-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Николоски додаде дека пред 25 години државата избра да тргне по патот на соработка, на дијалог, на меѓусебно почитување и меѓусебно разбирање.
Тој потсети дека во постигнување на Договорот учествуваа и претставници на, како што рече, нашите партнери од Европската Унија и од НАТО и нагласи дека таму државата природно припаѓа, не само поради својата политичка определба, туку и поради јасната определба на сите што живеат во неа – прозападна и проатлантска.
„Мораме да бидеме отворени, јас секогаш сакам да бидам отворен, и да кажеме дека ако гледаме поназад децении по потпишување на Договорот, имаше и поединци, и цели политички структури, и цели политички партии коишто за среќа не се дел од оваа Влада, коишто Договорот го злоупотребуваа за свои лични интереси. Се обидуваат да прават раздор, да поттикнуваат лажен национализам, етнички тензии и на тој начин да владеат со државата и мора да признаеме дека долго и успеваа да го прават тоа. За сега, еве да видиме, во овие две години дека во суштина најголем дел од работите биле поврзани со личниот и семејниот интерес“,
рече Николоски.
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали во својот говор рече дека со Рамковниот договор државата избра да ја гради стабилноста, не врз логиката на мнозинството и малцинството, туку врз партнерството меѓу заедниците, врз граѓанската еднаквост и врз споделувањето на правата и одговорностите за сите граѓани подеднакво.
„Ваквите годишнини секогаш имаат значење, бидејќи ни го освежуваат историското сеќавање и имаат посебна вредност затоа што ни даваат можност повторно да ги преиспитаме темелите врз кои е изградено нашето општество и држава. Но и да размислиме за одговорноста што ја имаме ние денес за иднината. Охридскиот рамковен договор беше инструмент за прекинување на конфликтот од 2001 година. Тој беше политички договор кој понуди нов начин на организирање и функционирање на Република Северна Македонија“,
рече Сали.
Вчера со панел-дискусија посветена на досегашната имплементација и идните предизвици, во Клубот на пратениците беше одбележана 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, во организација на Министерството за односи меѓу заедниците.
На панелот беше истакната потребата од продолжување на реформите, зајакнување на децентрализацијата, владеењето на правото и европската интеграција, како и подобрување на квалитетот на јавните услуги. Учествуваа универзитетски професори, експерти, поранешни дипломати, политичари, новинари и претставници на граѓанското општество.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од тогашниот претседател Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери, и на ДПА, Арбен Џафери. Договорот го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
За успешна имплементација на договорот беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформира во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Во основните принципи на документот се наведува дека целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели.
