„МВР е на потег, итно да се откријат нарачателите, креаторите и промоторите на оваа гнасна лага која внесе надоверба и страв кај граѓаните на Скопје. Без милост, без селективност“, вели токсикологот Андон Чибишев

Токсикологот и професор на Медицинскиот факултет на УКИМ, Андон Чибишев, во објава на Фејсбук напиша дека не ги разбира мотивот и потребата за, како што вели, да се шират (дез)информации дека водата во Скопје е загадена.
Во објавата тој објаснува што значи загадување со бактеријата ешерихија коли.
„Не го разбирам мотивот и потребата да се шират (дез)информации дека водата за пиење која ја користат граѓаните на Скопје е загадена со бактеријата Escherichia coli. Не знам дали тие болни умови знаат што значи таквото загадување. Иако бактеријата Escherichia coli кај сите и во сите случаи не предизвикува симптоми и болест, доволно е само 10% од жителите на Скопје да развијат слика на воспаление на цревата, тоа ќе значи дека за ден-два ќе има над 50 000 пациенти. Тоа ќе значи голем проблем за државата и можен колапс на здравствениот систем“,
смета Чибишев.
Чибишев ја повика полицијата да открие кој ја проширил, како што вели, гнасната лага.
„МВР е на потег, итно да се откријат нарачателите, креаторите и промоторите на оваа гнасна лага која внесе надоверба и страв кај граѓаните на Скопје. Без милост, без селективност. Господ напомош!“,
напиша тој.
Откако вчера по социјалните мрежи се прошири информација дека наводно водата од скопскиот водовод е загадена со бактеријата ешеригхија коли, остро реагираше градоначалникот на Град Скопје, Орге Ѓорѓиевски.
На прес-конференција пред камерите се напи чаша вода и рече дека граѓаните треба да бидат спокојни бидејќи водата не е загадена, туку е меѓу петте најквалитетни во Европа.
Ѓорѓиевски смета дека ширењето такви дезинформации е организиран напад еднаков на тероризам и ги повика институциите да ги пронајдат виновниците.
МВР уште вчера информира дека на разговор во полициска станица се повикани повеќе луѓе. Денеска полицијата соопшти дека продолжува со повикување на информативен разговор лица од чии профили на социјалните мрежи се ширеле лажни вести и апели.
