Телото на Хајредини ќе биде предадено на обдукција, по што треба да се утврдат причината и околностите за смртта

Утрово на тераса од трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје е пронајдено телото на оперативниот директор на телевизијата Алсат, Лирим Хајредини.
Во МВР било пријавено дека пред зграда на булеварот „Крсте Мисирков“ во Скопје има лице со повреди.
Полициски службеници од полициската станица „Бит-пазар“ излегле на местото на настанот, по што лицето Л. Х. било пронајдено со повреди, а подоцна лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт.
„Денеска околу 9:25 часот во СВР Скопје е пријавено дека пред зграда на булеварот ’Крсте Мисирков’ во Скопје има лице со повреди. Полициски службеници од ПС ’Бит-пазар’ излегле на местото на настанот и констатирано е дека лицето е Л. Х. (38) од Скопје, кое починало од здобиените повреди, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Известен е јавен обвинител и во тек е увид на местото на настанот“,
велат од МВР.
Местото каде што е пронајдено телото се обезбедува од полицијата, а сè уште е во тек увидот под раководство на јавен обвинител.
Телото на Хајредини ќе биде предадено на обдукција, по што треба да се утврдат причината и околностите за смртта. Според првичните инфомации, Хајредини починал по пад од погорните катови на ламелата во која се наоѓаат просториите на ТВ Алсат.
Хајредини повеќе од 16 години беше оперативен директор на Алсат. Пред ангажманот во телевизијата, Хајредини работел и во Македонскиот центар за меѓународна соработка.
