Дали Законот ќе претрпи измени или не, премиерот вели дека ќе се знае по следната седница на Економско-социјалниот совет на која ќе се разговара со работодавачите и работниците
Или ќе важи за сите или нема да важи за никого, нема да водиме политика со двојни стандарди – вели премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање во контекст дали ќе има измени на законското решение за недела неработен ден. Дали Законот ќе претрпи измени или не, Мицкоски вели дека ќе се знае по следната седница на Економско-социјалниот совет (ЕСС), на која Владата ќе разговара со работодавачите и работниците.

„Ова прашање сме го разговарале и со синдикатите, со стопанските комори, работодавачите. Не сме го разговарале ова прашање во тесен круг и да носиме одлука, па потоа да не знаеме што да правиме со таа одлука. Ако мислите дека на сила ќе направиме нешто, нема да го направиме. Генерално се катализираат две решенија – едното е никој да не работи, како во еден главен град на една држава во централна Европа, или ако некој плати дупла дневница или договори со синдикатите поинакви услови да може да работи, да работи“,
рече Мицкоски во одговорот на пратеничкото прашање.
Таков е и личниот став на премиерот – на работниците кои ќе постигнат договор со работодавачите да им биде испратена двојна или тројна дневница или воопшто никој да не работи во недела.
На овој став, како што рече Мицкоски, се и 75 отсто од граѓаните кои се анкетирани на нивните анкети на јавното мислење што за внатрепартиски и коалициски потреби ги прават трипати месечно.
„Ако сакаме да правиме диверзификација на економијата и промена на нашиот економски модел и концепт, во иднина мора да се насочиме кон производни процеси кои не трпат стопирање на производниот процес. Мораме да размислуваме што за пет до десет години од денес, бидејќи се менува и сосема е поинаква реалноста во Европа, а во светот се појавуваат други центри на мапата на водечки производители“,
рече Мицкоски во одговор на прашање на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања.