Без да споменува конкретни имиња, Мицкоски рече дека тендерот за ископ на јаглен и јаловина ќе ѝ биде доделен на омилената фирма на конзул на една источна земја
На тема поврзана со РЕК „Битола“ денеска се огласи и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, кој од пред РЕК „Битола“ обвини за скандал кој две години се правел во комбинатот со префрлање милионски суми пари на фирма блиска до власта
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека власта на бегање подготвува два тендери за набавка и ископ на јаглен во РЕК „Битола“, вредни повеќе од 140 милиони евра.

Како што кажа Мицкоски, едниот тендер во вредност од околу 6 милијарди денари е за увоз на јаглен, а другиот од околу 3 милијарди денари со вклучен ДДВ е за ископ на јаглен и јаловина во РЕК „Битола“.
„Однапред ќе ви кажам дека тие две јавни набавки ќе ги добијат фирми кои ги знаете и кои се омилени фирми на неколкумина од власта, предводени од ДУИ и СДСМ“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарски прашања денеска во Кавадарци, каде што беше на традиционално закројување на лозја по повод верскиот празник Свети Трифун.
Без да споменува конкретни имиња, Мицкоски рече дека тендерот за ископ на јаглен и јаловина ќе ѝ биде доделен на омилената фирма на конзул на една источна земја.
„Бидејќи се европски фронт, ама не им смета да доделуваат вакви јавни набавки на конзули на источни земји кои имаат санкции од ЕУ во вредност од 40 милиони евра или со се ДДВ близу 50 милиони евра“,
рече Мицкоски.
Тој упати порака до раководството на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ) да не ставаат потпис на ваквите тендери бидејќи, како што рече, за неколку месеци лично ќе се занимава со овие две јавни набавки.
„Апелирам луѓето кои се во ЕЛЕМ (сега ЕСМ), генералниот директор и вработените и во рудникот и во термоелектраната, лично за неколку месеци од денеска ќе се занимавам со овие две јавни набавки и јас им ветувам дека секој кој ќе стави потпис на оваа јавна набавка ќе биде изведен пред лицето на правдата и ќе одговара за тоа што го пљачка народот за да ги полни џебовите на малкумина кои се спремаат да бегаат после 8 мај“,
порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Говорејќи во таа насока, тој рече оти има големо искуство и знаење во делот на енергетиката и дека точно знае што прават од власта и што подготвуваат да направат.
На тема поврзана со РЕК „Битола“ денеска се огласи и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, кој од пред РЕК „Битола“ обвини за скандал кој две години се правел во комбинатот со префрлање милионски суми пари на фирма блиска до власта.
„Тука сме пред РЕК ’Битола’ за да соопштам еден голем скандал кој власта еве веќе две години го прави во нивната златна кокошка РЕК ’Битола’ со тоа што на нивната фирма ‘Марковски’ изминативе две години ѝ имаат префрлено 200 милиони евра. Двесте милиони евра народни пари, пари од државата се префрлени на нивната фирма“,
рече Сајкоски.

Според него, тука во целиот случај постои огромен сомнеж дека овие пари биле префрлени во десетина џебови на луѓе од власта.
„И затоа посочуваме до сите дека мора и ќе има одговорност. Наместо да се изградат градинки, да имаме нови училишта, подобра инфраструктура, ние денеска имаме средства до 200 милиони евра префрлени во џебот на фирмата ‘Марковски’ и негови блиски соработници“,
рече генералниот секретар на опозициската партија.
Сајкоски потенцира дека власта во заминување сака да направи што поголема штета и врз институциите и врз буџетот на државата, но, како што додаде, граѓаните се свесни и подготвени за смена на власта.
„Меѓутоа оние што ја практикуваа власта во моментот треба да се свесни, да не прават злоупотреби кои носат долгорочни штети на државата и граѓаните“,
порача Сајкоски.