Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи повика на нов протест утре, кој ќе биде против злоупотребата на европските пари.
Во повикот за протест, тој ги споменува случаите со распределбата на парите преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
„Веќе три години се читаат и слушаат скандали низ медиумите со докази за проневери и сомнежи за криминал, а ЈО и финансиската полиција молчат. Се молчи за скандалот каде 270 000 евра беа доделени на фризерница од страна на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Се молчи и за скандалот каде се доделени 83.000 милиони евра за тренирање на магаре“,
пишува Мицкоски.
Опозициската партија протестот го закажа за утре во 18:30 часот. Збирно место е Министерството за правда, а истиот треба да заврши пред секретаријатот за европски прашања.
Денеска од оваа партија излегоа со обвинувања за нов скандал во Националната агенција велејќи дека братот на пратеникот од СДСМ Диме Велковски, покрај парите за „тренирање магаре“ добил пари за уште еден проект од агенцијата со која раководи Лидија Димова.
Работата на Националната агенција периодов е во фокусот на јавноста откако се објавија новинарски написи за тоа на какви проекти се делеле пари. По сомнежите во македонската јавност, се огласи и Брисел од каде соопштија дека Европската комисија ќе ја проверува можната злоупотреба на европските фондови.
И домашните органи, Финансиската полиција и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција посочија дека има предистражна постапка.
Димова, пак, на прес-конференција ги отфрли сомнежите и порача дека нема да се повлече додека не се истражи проневера на 2,2 милиони евра од претходното раководство на Националната агенција.
Утрешниот протест на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде 10. по ред. Од почетокот на септември опозицијата организираше пет протести за струјата (еден марш и четири протести со возила). Останатите беа на други теми: еден беше, како што го нарекоа „За ЕУ, за Гоце Делчев и за Македонија“, два „против неправдите, реваншизмот и политичкото насилство“ и уште еден протест „против реваншизмот и теророт врз граѓаните и политичките неистомисленици“.