На прашањето за предлогот на претседателскиот кандидат од ДУИ, Бујар Османи, за постигнување заеднички консензус за уставните измени, Мицкоски рече дека за таков консензус ја има испуштено можноста, уште како министер за надворешни работи
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, упатил официјална порака до опозициските партии на Албанците за коалицирање, но одговор досега не добил. Ова тој го изјави денеска по средбата со Управниот одбор на МАСИТ во Скопје, одговарајќи на новинарско прашање дали добил повратен одговор за коалицирање и дали тоа е проследено со одредени услови од опозициските партии на Албанците.

„Упатив официјална порака до албанската опозиција, официјален одговор на мојата официјална порака, до овој момент немаме добиено“,
рече тој.
На прашањето за предлогот на претседателскиот кандидат од ДУИ, Бујар Османи, за постигнување заеднички консензус за уставните измени, Мицкоски рече дека за таков консензус ја има испуштено можноста, уште како министер за надворешни работи.
„Бујар Османи за таков консензус ја испушти можноста како министер за надворешни работи, кога ние како ВМРО-ДПМНЕ и јас лично, имавме прес-конференција и се понудивме да бидеме дел од процесот кој тогаш го водеа шверцерски, тајно и позади очите на јавноста во Македонија“,
вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Ако тој навистина сакал политички консензус или консензус народен, Мицкоски вели дека тогаш имал таква можност како министер за надворешни работи, но тогаш, како што рече, Османи се однесувал неодговорно, авантуристички и егзибиционистички.
„Направи историска грешка, најпрвин што го лажеше сопствениот народ, а потоа го потпиша вториот протокол каде дозволи работата на Комисијата која има за цел да ги утврди историските факти, да биде критериум за напредок на Македонија до полноправно членство во Европската Унија“,
рече Мицкоски.
За време на дуелот со лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој се случи минатата недела на Канал 5 ТВ, Мицкоски рече дека по овие парламентарни избори партијата Беса на Билал Касами, исто како и Алтернатива на Африм Гаши, Алијанса на Албанците на Арбен Таравари, исто како и движењето на Изет Меџити, ќе бидат заедно со ВМРО-ДПМНЕ, со огромно мнозинство, во идната реформска и проевропска влада која ќе ја води Македонија од 2024 до 2028 година. Ова Мицкоски го одговори на забелешките на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, дека ВМРО-ДПМНЕ нема коалициски капацитет да има партнер од партиите на Албанците.
На забелешката од новинарот дека опозициските партии на Албанците можат да го постават условот за усвојување на уставните измени пред да се формира владата, нешто што и Таравари го посочил, Мицкоски рече дека тоа е предизборен фолклор.
„Тоа е реторика и фолклор кој сега предизборно се споменува. На 8 мај сите заеднички ќе видиме кои се условите кои понатаму ќе бидат диктирани од политичките чинители. Сите добро знаат дека ниту јас ниту ВМРО-ДПМНЕ прифаќаат какви било диктати. Може да се обединиме околу платформа која значи реформи и трансформација на Македонија“,
рече Мицкоски.