Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека по лидерската средба кај Пендаровски ќе има почист став за тоа кога би можело да се планира одржување на изборите. Рече и дека има информации дека Велес ќе биде ново жариште на ковид-19
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најави денеска дека ќе излезе со поконкретен став за изборите по лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски во вторник. Тој смета дека е потребен масовен скрининг на населението за отпорноста на коронавирусот и дека треба да поминат две недели со едноцифрени бројки на новозаболени за да се види дали има услови за одржување избори.
„Да видиме какви ќе бидат проценките на Советот за безбедност, каков ќе биде ставот на претседателот, па потоа може да излеземе со коментар на самата лидерска средба“,
рече Мицкоски.
Кога и да се случат предвремени парламентарни избори или парламентарни избори, ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на нив, потенцира тој, повторувајќи дека во моментот изборите не се во првите три приоритети на партијата. Најважно е, рече тој, здравјето на граѓаните.
Коментирајќи ги најавите на министерот за здравство Венко Филипче дека утре, меѓу другото, Комисијата за заразни болести ќе расправа и за тоа дали има услови за одржување парламентарни избори, Мицкоски апелираше до членовите на ова тело, кои, како што рече, се професори и лекари и имаат положено заклетва, при носењето на одлуката приоритет да им биде здравјето на граѓаните, а не, како што нагласи, желбите на Зоран Заев и на СДСМ. Тој, исто така, рече дека има информации оти Велес ќе биде следно жариште на коронавирусот.
„Во услови кога, како што добивам информации, следно жариште ќе ни биде Велес, ние утре ќе имаме состанок со Комисијата на Филипче која треба да излезе со позиција. Јас сум сигурен дека, доколку Филипче и останатите одлучат да постапат како лекари, луѓе кои навистина се грижат за здравјето на граѓаните, ставот ќе им биде поразличен од желбите на Заев, Радмила Шекеринска и на раководството на СДСМ. Но, доколку Филипче одлучи да биде слуга на желбите на Заев и на Шекеринска, тогаш можам да ви го кажам веднаш резултатот од утрешната средба, а тоа е дека не постои никаква опасност, дека практично се е како што треба, дека блескаме и дека Македонија е во истата онаа состојба од пред пандемијата,“
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција.