Министерот Филипче вели дека се намалува бројот на пациенти со симптоми на коронавирус, што е причина за намалување на бројот на тестирања. Сепак, од следната недела најавува тестирања на можни асимптоматски носители на вирусот
Здравствените власти утре, врз основа на анализите и статистиките за ситуацијата со коронавирусот, ќе разговараат дали и кога се можни избори, како и дали има простор за олабавување на мерките за заштита од следната седмица, најавува министерот за здравство Венко Филипче.
Во изјава за Канал 5, тој вели дека е сѐ уште рано да се каже кога може да се одржат изборите, ама најавува дека утре ќе се разговара дали има услови за одржување избори, како и за евентуално намалување или укинување на полицискиот час.
Министерот Филипче најави и тестирање на можни асимптоматски носители на вирусот, како што се вработени во градинките, во јавниот превоз, здравствени работници… На тој начин, вели, ќе се спречи ширење на заразата.
Сега, објаснува Филипче, има помалку тестирања затоа што е помал и бројот на пациенти со симптоми. Тоа, како што нагласува, е добро и претставува успех на стратегијата за справување со епидемијата.
„Се намалува бројот на новодијагностицирни од коронавирус. Епидемијата полека стивнува. Но епидемиолозите, во рамки на Комисијата за заразни болести, многу внимателно ги следат состојбите. На утрешниот состанок ќе ги анализираме најновите податоци и врз основа на тоа ќе се заклучи дали може да препорачаме ублажување на мерките од почетокот на следната седмица“,
изјави Филипче.