Државата функционира без Собрание, а ние како Влада покажавме демократски капацитет дека не сакаме да ја злоупотребуваме оваа состојба за да имаме неограничени права, вели министерката за одбрана
Избори ќе се организираат час поскоро, доколку состојбата со епидемијата на коронавирусот го дозволува тоа, порача денеска вицепремиерката и заменик-претседателка на СДСМ Радмила Шекеринска. Таа рече дека мора да се има предвид дека здравјето е пред сѐ, а сѐ останато е бркање политички интереси.
Ако епидемијата ни го даде тоа како шанса, час поскоро треба да организираме избори, одговори Шекеринска, на новинарско прашање околу лидерската средба и датумот за избори. На лидерската средба, нагласи таа, не треба да се лицитира со датуми, туку треба да се носат одлуки што ќе бидат во полза на државата и на најголем број на граѓаните.
„Ние од самиот почеток на епидемијата, со брзата и ефикасна реакција, покажавме дека животот и здравјето немаат цена. И затоа бевме една од првите држави што воведовме мерки кои не спасија од сликите што ги гледаме во Италија, во Шпанија или во некои други држави. Не бевме слепи пред опасноста и не теравме политика, иако и тогаш беа закажани изборите. Покажавме дека здравјето навистина ни е пред се. Водиме сметка дека државата денеска функционира, за жал, без Собрание. И ние како Влада покажавме демократски капацитет дека не сакаме да ја злоупотребуваме оваа состојба за да имаме неограничени права и да немаме контрола. Затоа сметаме дека во прв момент кога тоа ќе ни го дозволи епидемијата, треба да ја искористиме шансата, за час поскоро да организираме избори. Се останато, би било навистина бркање на политички интереси. И јас очекувам, апелирам и барам и другите политички партии да се водат од овие принципи“,
нагласи Шекеринска.