Средбата на Илинденска бр. 2 треба да се одржи денеска во 16 часот
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со економскиот тим на партијата денеска ќе оди на средба кај премиерот Димитар Ковачевски на која се очекува да разговараат за справувањето со економската криза.
Според најавите, средбата е закажана да се одржи во 16 часот, а потврда за неа вчера стигна и од Владата и од ВМРО-ДПМНЕ.
„Прифатен е повикот од премиерот Ковачевски за утрешна средба каде ќе присуствува економскиот тим на ВМРО-ДПМНЕ предводен од Христијан Мицкоски. Ги нудиме нашите ресурси и концептот. Утре ќе биде запознаен и премиерот. Би требало да се разговара во вакви тешки времиња и треба да седнеме заедно најголемата опозициска партија со Владата“,
изјави синоќа во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24 Маја Кадиевска од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Средбата помеѓу Мицкоски и Ковачевски ќе следува по партиските и меѓусебни обвинувања за справувањето за енергетската криза, а во комуникацијата која ја власта и опозицијата преку медиумите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ понуди свои контакти за набавка на мазут и гас со кои, тврдеше, ќе се заштедат 300 милиони евра.
На ваквите прозивки од опозицијата, претставниците од власта одговараа дека опозицијата и во време на корона кризата добивала покани за економскиот совет, но ВМРО-ДПМНЕ не се одважила и не покажала грижа и совесност. Пред да падне договор за денешната средба, од Илинденска бр. 2 го поканија Мицкоски на следниот состанок на економскиот совет што треба да се одржи утре.
Понудите од опозицијата и поканите од власта кои си ги испраќаа јавно, минатиот четврток се префрлија и во собраниската сала кога на седница за пратенички прашања. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека е несериозна што бара Мицкоски јавно да ги објави понудите наместо да го поканат во Владата, додека министерот Крешник Бектеши се понуди дека лично ќе му се јави на Мицкоски и дури ако треба тој самиот ќе ги достави понудите до ЕСМ, но нагласи дека треба да се види од кои извори доаѓаат тие и дали се најповолни и најдобри.