Има работи за кои не смеете да се мешате, ни едните ни другите. Јавна набавка се спроведува според Законот за јавни набавки и таму се пропишани процедури и услови, никој никому не може да му биде поштар и да му носи таму документи, им порача Џафери на власта и опозицијата откако пратеници од ВМРО-ДПМНЕ бараа власта да ги нудеа понудите што ги обезбедил Мицкоски, а министерот Бектеши се понуди лично да му се јави, да ги земе понудите и да ги однесе во ЕСМ
Заштедата од 300 милиони евра преку понудите за набавка на гас и мазут, кои ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ги обезбедила и ѝ ги нуди на Владата, денеска повторно се наметнаа како тема на собраниската седница, но и власта и опозицијата добија укор од претседателот на Собранието кој ги предупреди дека за тоа си постои Закон за јавни набавки.
За време на расправата за продолжување на кризната состојба со електричната енергија, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја повикаа власта да ги разгледа и да го викне партискиот лидер Христијан Мицкоски да им ги даде контактите. Министерот за економија, Крешник Бектеши, пак, го повика да ги објави јавно.
„Крајно несериозно е кога повикувате јавно да објави понуди кога можете да го викнете во Министерството или Владата да ви ги даде понудите. Ваквото повикување е многу несериозно и покажува дека немате никаква намера да излезете од ситуацијата“,
рече пратеникот Бојан Стојаноски.
Повици до власта во врска со понудите на Мицкоски и обвинувања за злоупотреби во енергетскиот сектор упатија и дел од останатите опозициски пратеници, а Бектеши, пак, презеде одговорност лично да му се јави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и да ги добие понудите, а потоа и да ги однесе во ЕСМ.
„Никој не кажал дека нешто не се прифаќа затоа што ние ги прифаќаме најдобрите, зборувате за контакти. Уште еднаш ви повторувам објавете ги контактите, јас лично ќе му се јавам на Мицкоски. Ако не сака да ги објави, нека ги достави, јас ќе ги објавам јавно. Ако се најповолни, најниски, најдобри… До среда во ЕСМ може да ги достави, јас сум тука до понеделник и може и мене да ми ги достави. Дополнително, треба да видиме и од кои извори доаѓаат понудите затоа што зборуваме за кризна состојба на глобално ниво, има одредени санкции што државата не мора да ги почитува, ние сме членка на НАТО. Во делот на капацитетите, да, јас ќе преземам одговорност, ќе му се јавам нека ги достави кај мене, јас ќе ги доставам до јавноста и до ЕСМ и секако тие понуди што ги има ЕСМ ќе ги објавиме и граѓаните да видат која е најповолна“,
рече Бектеши.
Во текот на дебатата пратеникот Дејанчо Ефтимов му замери на Бектеши и затоа што не ги истражува сомнежите околу тендерите во енергетскиот сектор што во своите извештаи ги нотира Државниот завод за статистика.
„Сето ова што го констатиравте дека државните компании треба да го изберат поволниот понудувач е така и ве поддржувам, но треба да ги истражите наводите на Државниот завод за ревизија за онаму каде се врши директна злоупотреба. Во извештајот се дадени неколку конкретни примери, лоцирани се договори кои се склучени со вредност каде проценетата вредност на буџетот на ЕЛЕМ не е во вредност која е добиена со понудата после спроведена постапка за јавна набавка. Тоа значи се склучува договор според буџетот на ЕЛЕМ а не најниската понуда што е дадена“,
рече Ефтимов.
По ваквата кратка дебата на почетокот на седницата, со процедурална забелешка се јави Џафери и им порача дека не може никој никому да му биде поштар оти за набавки си има јасни процедури предвидени со закон.
„Има работи за кои не смеете да се мешате, ни едните ни другите. Јавна набавка се спроведува според Закон за јавни набавки и таму се пропишани процедури и услови, никој никому не може да му биде поштар и да му носи таму документи. Има јавен повик па кој мисли дека исполнува услови нека се јави на јавен повик во процедура што е предвидена според закон. За извештаите на ДЗР, да, Собранието врши контрола и си ги гледа извештаите на ревизијата. Но, по извештаите на ревизијата има други институции што треба да постапат ако се наводите такви како што зборувате … Тој вика ’давам, имам јас понудувач‘, друг вика ќе ги доставам‘, третиот вика ’јас ќе одлучувам‘. Како мислите така да одлучувате? Ова е манипулација со граѓаните“,
рече Џафери.
За понудите од ВМРО-ДПМНЕ за набавка на мазут и гас вчера на брифинг со новинарите Мицкоски рече дека ќе се заштедат 300 милиони евра.
„ВМРО-ДПМНЕ обезбеди индицирани понуди за набавка на 200 000 тони за ТЕЦ Неготино и 250 милиони кубни метри гас за гасната централа ТЕ-ТО, со кои значително ќе се ублажи енергетската криза во Македонија и ќе се заштедат најмалку 300 милиони евра“,
рече вчера Мицкоски.