Премиерот Ковачевски вчера преку статус на Фејсбук одговори дека не прифаќа уцени, на барањето од Мицкоски за средба на која би се договориле за датум за предвремени избори
Очекував повеќе аналитичност и очекував премиерот Димитар Ковачевски да се охрабри и да излезе пред медиумите и ако веќе одлучил да ја одбие подадената рака од ВМРО-ДПМНЕ, тоа да го направи на отворена сцена, а не да се крие зад статуси на социјални медиуми, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако вчера на неговото барање за средба со премиерот на која би бил договорен датум за предвремени избори, Ковачевски преку Фејсбук статус одговори дека не прифаќа уцени.
„Жалам што во СДСМ и во Владата нема мудрост ниту државотворен капацитет и жалам што постапуваат вака неодговорно во моменти кога на народот му е потребно обединување. Она што го гледаме и од Ковачевски, од останатите во Владата, но и од СДСМ, е се само не она што му е потребно на народот. Вчера подадовме рака за единство, но очигледно дека во Владата нема капацитет за единство. Чекор по чекор ќе ги носиме одлуките и јавноста и вие медиумите ќе бидете навремено информирани“,
изјави денеска Мицкоски во Штип.
Ковачевски вчера, меѓу другото, му одговори на Мицкоски дека сега не се потребни избори, туку одговорно дејствување на сите политички партии.
„Како Влада имаме многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по Втората светска војна. Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори туку одговорно дејствување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња. Но, тоа Мицкоски очигледно не го интересира бидејќи никогаш не го интересирале граѓаните и нивните потреби, туку само неговата политичка кариера. За среќа, ние сме одговорна партија и Влада која нема да дозволи ваквите желби на опозицијата да значат штета по граѓаните, несигурност, трошење на огромни буџетски средства и нови кризи“,
објави вчера Ковачевски.