Според него, се оди кон ситуација кога можеби за првпат во последните децении во Гостивар, граѓаните ќе можат да користат вода за пиење која ќе е бактериолошки исправна
„Сметам дека многу скоро од денеска граѓаните ќе добијат и вода за готвење и пиење“, вели премиерот
Кризата со водата во Гостивар е предизвикана од несовесно работење на вработени од Јавното претпријатие „Водовод“ што директно со цевки и пумпи префрлиле вода од река во главниот резервоар. Ова денеска при посетата на Дебар го изјави премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека за тоа Обвинителството постапува и веќе има лица што се обезбедени и сослушани.

„Очекувам да има проширување во истрагата. Одговорноста е лоцирана и се преземаат мерки“,
рече тој.
Посочи дека веќе е обезбедена техничка вода за користење, а во моментов се прави процес на хиперхлорирање што го вршат експерти од скопски „Водовод“.
„Секој ден се земаат разни примероци и истите се испитуваат. Веќе можам да кажам дека одиме кон ситуација кога можеби за првпат во последните децении во Гостивар, граѓаните ќе можат да користат вода за пиење која ќе е бактериолошки исправна. Замолувам за трпение оти имаме сериозен пристап при вршење на процесот. Очекувам многу скоро од денеска граѓаните да добијат и вода за готвење и пиење“,
вели премиерот по настанот во Дебар за доделување на 47 станови за загрозени категории.
Одговарајќи на новинарско прашање во однос на обвинувањата од опозицијата дека хиперхлорирањето на водата во Гостивар не го прават стручни лица, Мицкоски рече дека процесот го вршат експерти од „Водовод“ од Скопје.
„Тоа го слушнав од човекот на кој живи му гореа луѓе во Модуларната болница во Тетово. Во Собранието покажавме документи во минатото кога ниту Министерството за здравство во владата на СДСМ и ДУИ, ниту Агенцијата за храна и ветеринаство, ниту која било инститтуција постапувала по информациите што се добиени како резултат на мерењата, каде во стотици и илјадници случаи во речиси сите мерки места во неколку општини е констатирано дека параметрите и микробиолошки, но и според квалитетот на водата, не соодвествуваат на законски дозволените норми. И никој ништо не преземал, туку оставиле буквално луѓето да го конзумираат тоа и да има последици во процесот на консумирање“,
кажа Мицкоски.
Во случајот, како што рече, власта обезбедила вода за пиење за гостиварци, воедно заблагодарувајќи им се на сите општествено одговорни лица и компании што се приклучиле на оваа акција и донирале.
Основниот суд Гостивар на 21 јули им одреди по 30 дена затворски притвор на тројцата раководители на гостиварското комунално претпријатие, осомничени за загадувањето на водата во Гостивар.
Станува збор за вршителката на должност директорка на Јавното претпријатие „Комуналец“-Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, Вадедин Даути.
Мерката притвор тие ја издржуваат во КПУ Затвор Скопје – Скопје.“
Од Обвинителството соопштија дека тие се осомничени за тешки дела против животната средина и природата, предизвикани со дејствија на загадување на вода за пиење и оти казните за ова кривично дело се минимум четири години затвор.
