Нема потреба од дијалог преку медиуми, но, бидејќи ми се обрати со статус само еднаш, ќе ти одговорам на ист начин. Еден ден, кога ќе се видиме очи во очи, ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш, се вели во одговорот на Мицкоски до неговиот претходник Груевски

Жалам што се одлучи на чекорот да правиш јавна пародија и да служиш за дефокус од криминалот на оваа криминална власт и те разбирам, но не можам да те оправдам, му одговори денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на неговиот претходник Никола Груевски.
„Нема потреба од дијалог преку медиуми, но, бидејќи ми се обрати со статус само еднаш, ќе ти одговорам на ист начин“,
пишува Мицкоски.
Мицкоски во објавата вели „Никола, немам намера со јавни преписки да бидам дел од сценариото за создавање раздор во корист на оваа власт“.
„Еден ден, кога ќе се видиме очи во очи, ќе ти кажам и детали ако си подготвен да ги чуеш. Нема да дозволам да се заборави што прави оваа криминална власт за да остане се подолго креирајќи атмосфера каде што се губи надежта на граѓаните за правда и за правдина. Ако ти сакаш раздор, тоа е твоја одлука на која јас сум подготвен да се спротивставам бидејќи не станува збор за лична битка, туку битка за Македонија која се повеќе тоне во криминал, каде што се оди против волјата на граѓаните“,
додава Мицкоски.
Во одговорот Мицкоски додава дека политичарите народот ги избира и ние, како што додава тој, одговараме пред народот за нашите постапки. За Македонија, вели Мицкоски, не смее да има пазар и договори под маса.
„Нема да дозволам лични договори и аранжмани за сметка на колективниот интерес. Ова не е 2018-та, ова е друго време. Како велеше, ’вистината е како шило, порано или подоцна ќе излезе’, а вистината ја знаеме и јас и ти…, но изгледа ја знаат и други кои ја кажуваат изминативе денови јавно, помалку или повеќе гласно и јасно“,
додава Мицкоски.
Мицкоски, вчера, во разговор за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ го обвини својот претходник Никола Груевски дека е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени.
Според Мицкоски, Владата планира да му вети кривична неказнивост на поранешниот премиер Никола Груевски кој побегна во Унгарија за да избегне затворска казна. Како што додава Мицкоски, Груевски треба да се врати и да помогне, со помош на неговите поддржувачи, уставните измени да поминат во Парламентот.
По ова Груевски со статус на својот фејсбук-профил побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да изнесе докази со кои ќе ги поткрепи тврдењата што ги изнесе во интервју за германскиот медиум „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ).
Груевски го повика Мицкоски да одговори дали е точно дека тоа го кажал во изјавата за германскиот медиум и доколку е точно, дали може лично тој јавно да каже со кој, како што вели, мој потег, изјава, натпис или било што јас сум се обидел да ја поделам партијата и да даде доказ дека јас сум прифатил валкана игра со власта која треба да ја спроведам со помош на мои приврзаници во партијата.
Денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение ја продолжи „војната“ против поранешниот премиер од редовите на оваа партија, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски, велејќи дека со усвојувањето на измените во Кривичниот законик власта планира да му вети кривична неказнивост на експремиерот за тој да се врати и да го обезбеди потребното мнозинство во парламентот за усвојување на уставните измени.