Опозицијата и овој пат ќе излезе на улица со автомобили, поради ситуацијата со ковид-19, а како реакција на интервјуто на премиерот
ВМРО-ДПМНЕ утре попладне ќе тргне со автомобили од две локации, во општините Карпош и во Аеродром, кон зградата на Владата во центарот на Скопје, во знак на протест поради тезите што ги изнесе премиерот Зоран Заев во интервју за бугарската агенција БГНЕС.
„Македонија се обединува против Заев, против заедничкиот противник, против негаторите на македонската историја, идентитет и јазик. Сѐ повеќе луѓе се охрабруваат да застанат во редот на одбраната на она што е свето и за кое се бореле и гинеле генерации, а кое сега се распродава“,
напиша вечерва на Фејсбук лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски,објавувајќи ги и рутите за протестот со абтомобили.
По вчерашниот протест во Скопје, приврзаници на опозицијата и денеска протестираа движејќи се во колони со автомобили низ неколку градови во земјава – Куманово, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид.
Мицкоски објаснува дека протестите се одржуваат во автомобили поради ситуацијата со ковид-19.