Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска апелираше до опозицијата која најави протести, да ја почитува забраната за јавни собири, пред сѐ за заштита на здравјето.
„Апелирам, ако има забрана за јавни собири и протести, тогаш да не го правиме тоа и од здравствени причини“,
рече денеска Спасовски на прес-конференцијата.
Одговарајќи на новинарско прашање како заканите од некои опозициски лидери влијаат врз безбедноста во земјата, Спасовски рече дека безбедносната состојба во земјата е стабилна, без никаква опасност за нарушување на јавниот ред и мир, дека заканите од лицата од опозициските партии се следат, но тоа не претставува никаков проблем за јавниот ред и мир.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера на протестот во Скопје за денеска најави нови со кои ќе го искажат својот револт од ставовите искажани од премиерот Зоран Заев во интервјуто за БГНЕС. Како што рече, ќе се организираат блокади во Куманово, Тетово, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид.