Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја честита денешната заедничка историска литургија во Фанар (Истанбул), на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан. Тој вели дека црквата е еден од важните столбови на кои се темели нашето идентитетско распознавање.
„Силна и интегрирана Црква е прилог кон стабилноста и долговечноста на нашата Македонија! Сме се соочувале со бури и ветришта, но секогаш кога сме биле обединети помеѓу себе, заедно со народот, секогаш кога сме се бореле заедно, сме победувале и сме надминувале сѐ! Така е и денес кога се извојува важна победа за нашата МПЦ-ОА!“,
напиша Мицкоски на фејсбук.
Денеска и претседателот Стево Пендаровски посочи дека сведочиме на историски чин за македонската национална историја.
Инаку, сослужувањето на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан во соборниот храм „Свети Георгиј Победоносец“ во Фанар се одвиваше и на македонски јазик што само по себе е историски чин.
Станува збор за историска богослужба откако во четвртокот вселенскиот патријарх Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија (ОА) во богослужбено и канонско единство, а вчера делегацијата на ОА молитвено присуствуваше на празнична Божествена литургија по повод именденот на вселенскиот патријарх.
Во беседата, Поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан го замоли патријархот Вартоломеј да ја признае Охридската архиепископија за автокефална.
На настанот присуствуваше и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.
ПОВЕЌЕ НА ОВАА ТЕМА:
Петровска: Направен е голем исчекор до добивање на томос за целосна автокефалност
Историја во живо: Во Вселенската патријаршија се богослужи на македонски јазик
(ВИДЕО) Верници во Фанар: Сведочиме историски чин, нашата Охридска архиепископија повторно блеска