Со денешната заедничка литургија во Фанар (Истанбул), на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан е направен голем исчекор до добивање на томос за целосна автокефалност, вели министерката за одбрана Славјанка Петровска, која, како дел од владината делегација присуствуваше на настанот.
„Овде во седиштето на Вселенската патријаршија добивме уверување дека целиот процес на признавање на автокефалноста наскоро ќе заврши со потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј. Благодарение на Одлуката на Вселенскиот патријарх г.г Вартоломеј и потоа нејзино прифаќање од СПЦ се прекина повеќедецениската сестрана изолација и етаблирање на нашата возобновена Охридска Архиепископија како рамноправен меѓународен ентитет во православната екумена што е голем успех на нашата Црква, народот и државата“,
објави министерката на официјалниот фејсбук профил.
Покрај Петровска, во владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски беа и Бујар Османи, министер за надворешни работи и Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи.
Министерот Османи исто така посочува дека ова е чекор со кој се отстранува повеќедецениската изолација и се отвара патот за добивање автокефалност.
Министерот Спасовски пак, вели дека со голем пиетет присуствувал на денешната патријаршиската и синодална света литургија.
„Ова е голема радост за македонскиот народ, за сите православни верници кои со своите молитви, жртва и надеж, придонесоа за враќањето на христоносниот народ во Мајката Црква, за прогласувањето на МПЦ-ОА за канонска и валидна во сеправославниот свет. Исконската љубов на верниот македонски народ е нераскинлив дел од македонскиот идентитет – живот раѓа низ вековите што одминале, ќе живее за навек“,
порача министерот Спасовски.
На богослужбата присуствува и Даријан Сотировски, директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи.
За делегацијата на Владата после литургијата беше приреден прием, а премиерот Ковачевски и имаше тет-а-тет средба со патријархот Вартоломеј.
Премиерот му се заблагодарил на патријархот за неговата храбра одлука да ја прими во заедништво јерархијата на Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија во канонско единство со православната заедница, којашто беше веднаш поткрепена со соодветен Патријаршиски и Синодален Акт.
Историја: Во Вселенската патријаршија се богослужеше на македонски јазик
Сослужувањето на патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан во соборниот храм „Свети Георгиј Победоносец“ во Фанар се одвиваше и на македонски јазик што само по себе е историски чин.
Станува збор за историска богослужба откако во четвртокот вселенскиот патријарх Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската архиепископија (ОА) во богослужбено и канонско единство, а вчера делегацијата на ОА молитвено присуствуваше на празнична Божествена литургија по повод именденот на вселенскиот патријарх.
Во беседата, Поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан го замоли патријархот Вартоломеј да ја признае Охридската архиепископија за автокефална.
Политичкиот живот на црквата е еден благодет кој од време на време решава прашања кои бараат водство, а Великата цариградска црква е мајка на сите останати нејзини чеда и не употребува привилегии за неа туку се жртвува и се моли за сите без дискриминација и учествува во пријатните , но и непријатните моменти на нејзините собраќа и чеда, а денеска тоа се потврдува, порача вселенскиот патријарх Вартоломеј во денешната беседа.
Настанот го пренесуваше и грчката национална телевизија ERT на својот сателитски канал ERT World. Со тоа, освен македонската јавност која преку МРТВ имаше можност да го проследи чинот на воспоставување богослужбено и канонско единство единство на Охридската Архиепископија со останатите православни цркви, за отстранувањето на повеќедецениската шизма наложена врз нашата црква, сведочеа и гледачите на грчкиот јавен сервис.
ERT World е телевизиски канал кој во најголема мера е фокусиран на огромната грчка дијаспора која преку него се информира за случувањата во својата татковина.
Грчката публика денеска за прв пат можеше да чуе молитва и беседа и на македонски јазик.
На Патријаршиска и синодална света литургија присустваа и стотици верници од земјава, кои специјално допатуваа во Истанбул по повод значајните настани кои деновиве се случуваат во древниот Фанар.