Средбата е прва по преземањето на премиерската функција на Мицкоски, но и прва средба за која јавноста е запознаена по расколот меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, чија поддршка ја доби на локалните избори една година претходно. На средбата се очекува да се разговара состојбите во Градот Скопје
Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе оствари средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, информираа утринава од Владата преку писмено соопштение. Присутен на состанокот ќе биде и министерот за локална самоуправа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински.
Состанокот е закажан за попладнево во 15:30 часот во просториите на Владата, а по него, како што информираат од владината прес-служба, изјава за медиумите ќе даде министерот за локална самоуправа.
Средбата е прва по преземањето на премиерската функција на Мицкоски, но и прва средба за која јавноста е запознаена по расколот во 2022 година меѓу скопската градоначалничка Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, чија поддршка ја доби на локалните избори една година претходно.
Ова следува откако премиерот им даде „разумен рок на Арсовска и претпријатијата да почнат со работа“ пред Владата да им ги предаде ингеренциите на скопските општини на ЈП „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, како што неодамна едногласно побараа скопските градоначалници.
Од Градот Скопје, пак, во меѓувреме изразија подготвеност уште веднаш да седнат на иста маса со премиерот и да учествуваат во формирање на посебно координативно работно тело со Владата со цел, како што рекоа, скопјани да добијат град каков што заедно во 2021 година ветија градоначалничката и актуелниот премиер.
Коментирајќи ја ваквата понуда, Мицкоски рече оти е подготвен да направи сè што е потребно за решавање на проблемите во главниот град.
Инаку, актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински своевремено беше директор на ЈП „Водовод и канализација“ и беше првиот директор на Јавно претпријатие од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кого градоначалничката Данела Арсовска во 2022 година го разреши од функцијата обвинувајќи го за несоодветно постапување во тендерска постапка. По ова, следуваа низа други разрешувања од директорски позиции во јавните претпријатија, а по зголемените тензии меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, се случи и конечниот раскол меѓу нив.