Прашан во врска со предлогот на Град Скопје да се формира заедничко координативно работно тело со Владата, како што вчера предложија од кабинетот на Арсовска, премиерот вели дека ќе направи сè што е потребно за решавање на проблемите во главниот град
Да се обидеме да го санираме тоа што може да се санира со разговор, со политика, со дипломатија, а доколку видиме дека нема прогрес, тогаш ќе мораме инвазивно да влеземе во решавање на проблемот. Ова денеска го изјави премиерот Христијан Мицкоски во врска со состојбите во Градот Скопје и за рокот што тој им го даде на претпријатијата и на градоначалничката Данела Арсовска за да почнат со работа.
Прашан колкaв период им дава на Арсовска и на претпријатијата кога кажува разумен рок, Мицкоски вели:
„Јас не сум секундант па да одбројувам колкав е тој разумен рок, но сите гледате што се случува во главниот град – се давиме во смет, дупки на улиците, расипани автобуси на секој агол, состојбата е алармантна и ние сакаме да помогнеме. Граѓаните ни велат ‘Не нè убедувајте дека е лоша состојбата, знаеме дека е лоша, затоа ве биравме и решавајте ја работата. Овие не ги биваше, на 8 мај вас ве биравме вие да ги решавате проблемите’“.
Прашан во врска со предлогот на Град Скопје да се формира заедничко координативно работно тело со Владата, како што вчера предложија од кабинетот на скопската градоначалничка, Мицкоски вели дека ќе направи сè што е потребно за решавање на проблемите во главниот град.
„Сè што е потребно ќе направам – и ќе се сретнам и ќе формираме тим, сè што е потребно во интерес на скопјани само проблемот да се реши бидејќи доаѓа учебната година, луѓето полека но сигурно се враќаат од годишните одмори, градот мора да функционира нормално. Ние сега функционираме во ненормални услови, во услови коишто не личат на главен град на земја која е дел од НАТО и кандидат за членство во ЕУ. За секое решение сум подготвен и доколку гледаме дека нема прогрес, тогаш мораме да одиме радикално или да се изразам, еве со докторски речник, да не влегуваме многу инвазивно во приказната па и во здравото да влеземе“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по денешната посета на Дигестивната клиника.
Од Градот Скопје вчера изразија подготвеност за учество и формирање посебно работно и координативно тело со Владата со цел, како што наведоа, скопјани да добијат град каков што заедно во 2021 година ветија градоначалничката Данела Арсовска и актуелниот премиер Христијан Мицкоски.