Премиерот не ги откри нивните имиња, велејќи дека им остава на коалициските партнери тие да ги соопштат, но како што додаде, очекува да имаат уште поуспешна работа во новиот состав на Владата
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека ги добил персоналните решенија од коалициските партнери Влен и партијата ЗНАМ за министерствата со кои ќе раководат во реконструираниот владин кабинет.

Мицкоски не ги откри нивните имиња, велејќи дека им остава на коалициските партнери тие да ги соопштат, но, како што додаде, за него предложените кадри од двете партии се сосема во ред.
„Да, ги имам предлозите и за новите министри од Влен и од партијата ЗНАМ, но ќе оставам, еве, тие да ги кажат, да не ги кажувам јас. За мене тие предлози се сосема во ред и очекувам да имаме уште поуспешна работа во новиот состав на Владата“,
изјави премиерот одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Општина Кисела Вода, каде што изврши увид во градежните активности на проектите од унгарскиот кредит.
Во одговор на дополнително прашање дали од Влен имаат доставено предлог за прв човек во Министерството за односи меѓу заедниците, Мицкоски потврди дека имаат доставено персонални решенија и за ова и за министерствата за правда и за култура и туризам, ресори кои во разговорите за реконструкцијата ги доби оваа партија.
Лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, вчера попладне на прес-конференција соопшти дека партијата со владината реконструкција ќе го добие ресорот Земјоделство, шумарство и водостопанство, во замена за Министерството за правда, со кое досега раководеше Игор Филков, исто така, кадар на партијата.
На министерската позиција во Земјоделство, како што рече Димитриевски, ќе биде предложен Борче Серафимовски, кој е актуелен државен секретар во ова министерство.
Министерството за јавна администрација и натаму ќе го води Горан Минчев, кој исто така е кадар на ЗНАМ.
Од Влен засега официјално немаат излезено со имињата на нивните предлози за министри во рамките на реконструкцијата на владиниот кабинет, но, нивните имиња стануваат познати во јавност. Извор од Влен за „360 степени“ потврди дека за министер за култура и туризам е предложен Седат Сулејмани, кој досега беше заменик-министер во истиот ресор, додека нов министер за односи меѓу заедниците ќе биде Агон Ферати. Кадарот на ЗНАМ во Правда, Игор Филков, ќе му ја отстапи министерската позиција на професорот по уставно право на Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕ), Јетон Шасивари.
Коалицискиот партнер Влен, по реконструкцијата на Владата ќе има едно вицепремирско место.
Беким Сали останува прв вицепремиер и министер за европски прашања, а вицепремиерската функција за добро владеење, која ја извршуваше Арбен Фетаи од Влен, нема да постои во реконструираната влада, а темата ќе се покрива од кабинетот на премиерот.
Инаку, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ синоќа, по состанокот на Извршниот комитет (ИК) на партијата, ги соопшти министерствата што ќе им припаднат ним во рамките на реконструкцијата, како и кадрите кои ќе застанат на чело на тие ресори. Носечката партија во Владата ги добива министерствата за здравство и за социјална политика демографија и млади, каде за министри ги предлага актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски (во Здравство) и Ѓоко Велковски, кој е актуелен заменик-министер за социјална политика, демографија и млади. На местото на Клековски во ФЗО ќе биде назначен актуелниот министер за локална самоуправа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Златко Перински. Инаку, за нов министер за локална самоуправа се предлага актуелниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, претседател на Демократкста партија на Србите во Македонија.
Свое учество во Владата, како што информира Мицкоски вчера, ќе земе и Демократската партија на Турците, која ќе има министерско место без ресор.
