Талат Џафери и Али Ахмети да кажат за содржината на УСБ-то и за пликото и каков документ имало во него. Јас ќе ги следам внимателно нивните изјави и дали ќе ја кажат вистината. Да оставиме тие да ја кажат вистината бидејќи тие добиле два од трите документи – вели Мицкоски
По вчерашната средба со Гордана Јанкуловска, која ја опиша како „средба силна колку Горде“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарски прашања не даде конкретен одговор „зошто се сретнал со осуден криминалец“, како што гласеше едно од новинарските прашања до него
Талат Џафери и Али Ахмети треба да кажат за содржината на УСБ-то и каков документ има во пликото кое го добија. Ова е денешниот одговор на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, откако вчера во интервју за ТВ Алсат рече дека има докази за дејствувањето на оската ДУИ–СДС–Груевски и оти можеби треба да им се освежи меморијата за пликоата кои ги добиваа со едно УСБ и Ахмети и Џафери.
„За тоа треба да се прашаат Талат Џафери и Али Ахмети, за содржината на УСБ-то и за пликото и каков документ имало во него. Јас ќе ги следам внимателно нивните изјави и дали ќе ја кажат вистината. Да оставиме тие да ја кажат вистината бидејќи тие добиле два од трите документи“,
рече Мицкоски при неговата денешна посета на Општина Брвеница.
По вчерашната средба со Гордана Јанкуловска, која ја нарече „средба силна колку Горде“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска не даде конкретен одговор „зошто се сретнал со осуден криминалец“, како што гласеше едно од новинарските прашања.
Прашан зошто еден ден вели дека се бори против криминалот, а веќе другиот ден се среќава со осуден криминалец, Мицкоски рече дека тоа е редовна средба со луѓе од партијата и од минатите и од сегашното раководство и тоа е пракса во изминатиот период.
„Јас можам да кажам дека Гордана е жртва на политички терор и тортура којашто е правена врз неа, врз нејзиното семејство, а вчера беше ден кога таа доби заслужен викенд. Бидејќи вчера почна викендот, имавме средба. Ќе ми биде чест и задоволство и следниот пат истото тоа да го направи. Можам да кажам дека, и не само таа, туку сите оние жртви на тортура и политички реваншизам од страна на владата на СДСМ и ДУИ, се добредојдени и за сите нив се бориме подеднакво како што е случајот и со Гордана“,
одговори Мицкоски.
За време на новинарските прашања, Мицкоски беше потстетен за дел од снимените разговори т.н. „бомби“ на СДСМ во кои гласот за кој се тврдеше дека е на Јанкуловска најавуваше правење списоци за судии и влечење за уши на гласање. Мицкоски беше запрашан дали така сака да ја води власта. Наместо конкретен одговор, Мицкоски рече дека повеќе сака да разговара за тоа што се случува денес напоменувајќи дека блиску луѓе на денешни политичари од власта возат скапи автомобили и имаат скап имот и дека за тоа ќе има одговорност.
„Многу работи слушавме во минатото, многу работи се случуваат и денеска, како на пример фамилии на политичари кои се водечки во владата, внуци, роднини, братучеди се возат со ‘мајбах’ автомобили, купуваат имот во центарот на Скопје од 30 милиони евра, како се делат тендери во четири очи, како ја пљачкосуваат Македонија и тоа е жалосно. А, тоа што се случувало во минатото, ВМРО-ДПМНЕ е шеста година во опозиција. Но, јас повеќе би сакал да разговарам за тоа што се случува денеска. Како 25-годишно момче има 30-милионски имот во центарот на Скопје, како сватови на многу моќен политичар возат ‘мајбах’, ‘Ролс Ројс’ и имаат возен парк од неколку милиони евра, како се потрошија 200 милиони евра од буџетот, а лопата не е фрлена. Тоа е сегашност, а тоа што било во минатато, ВМРО-ДПМНЕ шест години е во опозиција“,
рече Мицкоски.
Тој и денеска рече дека според мерењета на јавното мислење, најверојатно ВМРО-ДПМНЕ е блиску до мнозинство во следниот парламентарен состав и додаде: „Верувајте дека за сето ова што сега зборувам ќе има одговори, но и одговорност“.
Во одговорите Мицкоски повтори дека пензионерите ја имаат поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, а кога еден од присутните во Општина Брвеница рече дека не е задоволен од работата на градоначалникот, во видеото објавено на фејсбук-профилот на Мицкоски тонот е прекинат и не може да се слушне неговиот одговор.
Мицкоски изминативе денови е во отворена „војна“ со неговиот претходник Никола Груевски. „Војната“ почна откако Мицкоски за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ изјави дека неговиот претходник Никола Груевски е во тајна комуникација со Владата, со цел да се подели ВМРО-ДПМНЕ за да се протуркаат уставните измени. По ова следуваа неколку фејсбук-преписки со Груевски.