Од воведувањето во 2006 г., вториот столб има околу 5,5% принос на годишно ниво. Во пари, тоа значи дека од вкупната маса на средства кои се заштедени во вториот столб, а се некаде 3,4 милијарди евра, над 1 милијарда се додадена вредност што е распределена на индивидуалните сметки на осигурениците – велат од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови
На новинарско прашање за евентуални сценарија за национализација на вториот пензиски столб, од Асоцијацијата кажаа дека искуствата од други држави каде што е воведен одреден тип на национализација, покажуваат дека тоа краторочно може да донесе прилив на средства во државниот фонд, но долгорочно не го решава проблемот

Сè уште е рано за да се почувствуваат придобивките од вториот пензиски фонд, велат од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ), кои уверуваат дека столбот е стабилен и доверлив механизам.
Оттаму посочуваат дека колкава пензија ќе земат идните пензионери зависи од должината на работниот стаж и висината на основицата, но тврдат и дека остварените приноси во вториот столб се солидни и на ниво на западноевропските пензиски фондови. Овие пораки доаѓаат по изјавите од претставници на власта дека корисниците на вториот столб нема да бидат задоволни од пензиите, а се спомнаа и опции за национализација од државата.
Во моментов има само 150 пензионери преку вториот столб. Се очекува бројката до 2030 г. да се зголеми до 5 000 што би значело релаксирање на состојбите во Фондот за ПИОМ, велат оттаму.
Сите нови вработени, помлади од 40 години, се корисници на вториот столб. Од вкупните давачки кои ги издвојуваат за пензиско, фиксни 6 проценти одат во вториот столб, што е помалку од една третина, а остатокот останува во Фондот за ПИОМ и се користи за исплата на сегашните пензии.
Парите слеани во вториот столб кои се штедат на индивидуални сметки, се инвестираат тековно и во иднина ќе се користат за исплата на дел од пензијата. Целта е кога ќе треба да се земе пензија, делот кој ќе се исплаќа од државниот фонд да се намали, а за сметка на тоа, остатокот да се надополни од индивидуалните сметки од вториот столб.
„Воведувањето на вториот столб е за релаксирање на првиот столб. Во моментот кога ќе дојде време да се исплаќаат паралелно пензии, обврската за исплата на пензии, некаде половина од износот, ќе падне на товар на вториот столб. Државниот фонд, ПИОМ, и понатаму ќе продолжи да задржува повеќе од две третини од вкупниот придонес за осигурување. На тој начин ќе има поголем износ на придонеси во првиот столб, а поделена обврска за исплата на пензиите значи дека низ годините постепено ќе се избалансираат приходите и расходите на ПИОМ и ќе дојдеме до состојба на негова одржливост“,
изјави Маријан Николовски, претседател на Асоцијацијата.

Од воведувањето во 2006 г., до денес, вториот столб има околу 5,5% принос на годишно ниво. Во пари, тоа значи дека од вкупната маса на средства кои се заштедени во вториот столб, а се некаде 3,4 милијарди евра, над 1 милијарда се додадена вредност што е распределена на индивидуалните сметки на осигурениците.
„Како што изминува времето, тој износ постојано ќе се зголемува, затоа што ефектот на сложено вкаматување е се поизразен низ годините. Оние кои ќе остварат полн работен стаж ќе бидат во состојбата каде што можеби поголем дел од состојбата на сметката ќе биде од добивката, а не од уплатените придонеси. Секако, нагласувам, дека уплатата мора да биде редовна и пријавувањето треба да биде на реални плати“,
нагласи Николовски.
Ова може да се толкува и како смирувачка порака, откако премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека корисниците на вториот столб нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки – став што крена бура во јавноста.
На новинарски прашања за евентуални сценаријата за национализација на пензиските столбови, од Асоцијацијата кажаа дека тоа не е решение оти парите би се потрошиле за една и пол до три години.
„Средствата се на тие 640 000 членови, ние ги управуваме. Тие средства се личен имот, гарантиран со Устав и не може толку лесно да биде земен. Искуствата од други држави каде што е воведен одреден тип на национализација, покажуваат дека тоа не е решение на проблемот, односно може да донесе краторочно прилив на средства во државниот фонд, но долгорочно не го решава проблемот, оти повторно ќе се јави разликата меѓу број на оние што уплаќаат и оние што користат“,
велат од Асоцијацијата.
„Анализите што ние ги направивме покажуваат дека доколку се национализираат средствата, тоа нема да обезбеди долгорочна стабилност на пензискиот фонд. Околу 65 отсто од средствата се во обврзници, тоа значи дека се ликвидни 35 проценти и ако се продаваат одеднаш, тоа ќе влијае врз цената, но ако оптимално се постигне нивната вредност, тоа ќе го покрие буџетскиот дефицит за година и пол, за помалку од две години. Ако и обврзниците ги претвориме во средства, тоа буџетскиот дефицит ќе го намали за три години. Ние долгорочниот проблем нема да го решиме, можеби да биде краткорочна политика која ќе нанесе штета на сите нас“,
кажа Снежана Станковиќ, претседателка на Управниот одбор на Сава пензиско друштво.
Од Асоцијацијата порачаа дека се задоволни од моменталното оплодување на заштедите. Предлагаат реформите да одат во насока на внимателно воведување на мултифондовите, односни портфолија кои се прилагодуваат на животната возраст на самиот осигуреник, како и системот да се унапредува за континуирано да се создаваат услови за повисоки идни пензии.
„Предлогот е оние што се помлади и имаат подолг период до пензионирање односно можност за преземање на поголем ризик од вложувањето, да имаат поагресивно портолио – поизложено на акции и инструменти со променлив принос, понатаму, да се балансира кај оние што се во средна возраст и да се заштити создадениот имот кај оние што се пред пензионирање со воведување на конзервативно портфолио“,
истакна Николовски.
Во меѓувреме, Владата ги очекува резултатите од три анализи кои се изготуваат независно една од друга, а од кои ќе зависи дали и каква реформа ќе се презеде во пензискиот систем.
