„Ние стоиме на располагање да слушнеме план, да го поддржиме тој план, но ако е планот ‘гласајте да земеме кредит за да набавиме автобуси коишто ќе стигнат догодина’, тоа нема да го реши проблемот којшто денеска го имаат скопјани“, изјави премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека проблемот што скопјани го имаат со јавниот градски превоз нема да се реши доколку во моментов биде отпочната постапка за набавка на 250 нови автобуси, како што изминатиот период бара скопската градоначалничка Данела Арсовска.
„Денеска да поддржиме одлука или да почнеме процес за набавка на автобуси само за Скопје, истите ќе бидат испорачани за следната учебна година. Ние стоиме на располагање да слушнеме план, да го поддржиме тој план, но ако е планот ‘гласајте да земеме кредит за да набавиме автобуси коишто ќе стигнат догодина’, тоа нема да го реши проблемот којшто денеска го имаат скопјани“,
изјави Мицкоски на денешната прес-конференција во Владата на која беше презентиран проектот за 250 милиони евра за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините.
Во оваа смисла премиерот додаде оти проблемот се решава со мобилизација во Јавното сообраќајно претпријатие со, како што рече, вистинско и наменско трошење на средствата кои скопјани преку градската каса му ги даваат како субвенција на ЈСП. Но тоа, додава, не може да го стори Владата, туку Град Скопје, т.е. менаџментот на ЈСП.
На новинарска забелешка дека набавката на 250 нови автобуси е дел од програмата на актуелната скопска градоначалничка, која ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа на локалните избори во 2021 година, Мицкоски вели:
„Ние понудивме уште тогаш кога сè уште бевме во коалиција со независниот кандидат госпоѓа Арсовска, понудивме решение дури и компанија којашто ќе отвори фабрика, електрични автобуси, но тоа остана на иницијатива само на едната страна. Немавме соговорник и партнер од другата страна за сето ова да продолжи.“
Премиерот додава дека како Влада можат системски, а не парцијално да ги решаваат проблемите. Во оваа смисла кажа дека размислуваат да се направи пакет за сите општини, вклучувајќи го и градот Скопје, кои имаат потреба од организиран јавен градски превоз за набавка на автобуси.
„Ако на Скопје му требаат 250 автобуси, за што се сложувам, сигурно и на другите градови во Македонија им требаат уште 250 автобуси. Системски како Влада можеме да ги решаваме проблемите, а не парцијално. Ќе ги решиме во зависност од потребите, нема да останат нерешени“,
додаде премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
Градоначалничката Данела Арсовска неодамна го повика премиерот да ги убеди советниците од неговата партија да ја изгласаат набавката на 250 нови екоавтобуси, а доколку тоа не го сторат, тоа да го направи Владата. Ако Владата нема средства за оваа намена, предлогот на Арсовска беше со одлука на Советот на Град Скопје тие средства да се префрлат на посебна сметка за Владата да ја спроведе набавката на автобуси.