Револт преку социјалните мрежи од мајката на четиримесечното бебе од Кочани кое се лекуваше од ковид-19, и демантирања од Министерството за здравство (МЗ) и од Клиниката за инфективни болести, попладнево беа упатени за начинот на третман на најмалиот пациент во земјава кој се зарази со коронавирусот.
„Кого лажете за добра комуникација, доктор и пациент? Да лежиш 15 дена на Инфективна клиника и еден доктор да не ти каже резултати, ни зошто примаш терапија ни зошто те боцкаат? Кога прашуваш за вода да ти кажат дека се потрошила донацијата, а на телевизија да кажувате бебе на посебна исхрана. Каква е таа посебна исхрана? Три дена да ти велат дека ќе земат брис на бебето, а не земаат. Гајле ви е дали има чиста облека или парно за доколку испереш нешто да се исуши? Да ти кажуваат спреми се, си одите, а за 15 минути да дојде друг да ти рече, не си одите?“,
реагираше мајката од Кочани наведувајќи дека бебето две недели чекало да си оди зашто чекале резултати за неа.
Од МЗ, пак, велат дека ги демантираат наводите на мајката со четиримесечното бебе дека ниту еден доктор не дошол да им ги каже резултатите од тестовите за ковид-19.
„Од Инфективната клиника појаснуваат дека на мајката во повеќе наврати и е објаснета здравствената состојба на детето како и потребата за земање два последователни бриса. Детето секој ден редовно се прегледува и најмалку 3 пати влегува дежурна лекарска служба. На мајката ѝ се обезбедуваат сите расположливи услови, од бокал за греење на вода, козметика за бебето, снабдување со вода и други продукти кои ги добива Инфективната клиника како донација. Детето е интензивно контролирано по препорака од педијатар и покрај добрата клиничка слика“,
велат од МЗ.
Мајката и детето нема да бидат испишано денеска од болница, не поради бебето чии резултати од брисеви се негативни, туку поради очекување на резултатот за мајката. Разбираме, велат од Министерството, дека пациентите го губат трепнието, но Клиниката како здравстена установа мора да се држи до сите протоколи за болничко лекување и не смеат да бидат испишани пред да се исполат сите протоколи.
Од Инфективната клиника, пак, најавуваат дека ќе покренат интерна постапка за разрешување на состојбата.
Здравствените влаасти велат дека досега немале реакција или незадоволство од пациентите со ковид-19 и дека жалат што ваков тим на незадоволство слушаат преку социјалните медиуми, а не за време на лекувањето.