Дополнително, во соопштението се потенцира дека дата-центрите се предводници во искористувањето на обновливите извори на енергија и дека тие всушност ја зајакнуваат транзицијата кон зелена енергија

Небулози и обид за манипулација на граѓаните – вака од Министерството за транспорт ги оценуваат денешните обвинувања од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) кои се противат на потенцијалната изградба на дата-центри во земјава.
Од Министерството нагласуваат дека инвестициите во дата-центри изнесуваат милијарди евра во сите развиени држави во Европа и Америка, и дека развојот на технологијата и вештачката интелигенција се клучни двигатели на модерните држави. Оттаму уверуваат дека за изградба на вакви објекти строго се почитуваат сите технички и законски услови, како и претходната изработка на соодветни студии.
Во однос на вработувањата, од ресорното министерство велат дека за време на изградбата на дата-центрите во просек се ангажираат најмалку 300 градежни и инфраструктурни работници, а за оперативно работење се вработуваат околу 100 висококвалификувани инженери.
Дополнително, во соопштението се потенцира дека дата-центрите се предводници во искористувањето на обновливите извори на енергија и дека тие всушност ја зајакнуваат транзицијата кон зелена енергија.
Од Министерството за транспорт го обвинија СДСМ дека сака државата да тапка во место без модернизација, потсетувајќи на, како што велат, нивните минати криминални проекти.
„Во време на СДСМ главни проекти беа криминалните проекти како што беа модуларната болница во Тетово, очајниот обид за криминал преку набавка на вакцини од компанијата ‘Стабри’, бизнисите со марихуана и тендерите во здравството. Да ја потсетиме јавноста и на легендарната изјава дека Фејсбук и Гугл чекаа на граница да инвестираат во Македонија“,
се вели во реакција од Транспорт.
Од власта порачуваат дека државата избира напредок и нови технологии и дека штом опозицијата се противи на вакви проекти, тоа е само доказ дека Владата е на вистинскиот пат.
Опозицискиот СДСМ денеска побара мораториум на изградба на нови комерцијални дата-центри кои користат системи со испарување на вода.
Од партијата сметаат дека се потребни законски обврски за помалите проекти за државни потреби, со кои инвеститорите ќе се обврзат на исклучиво воздушно ладење и сопствено производство на енергија преку соларни паркови и батерии, без да повлекуваат струја од националната мрежа.
На денешната прес-конференција, Кристијан Дојчиновски од СДСМ упати обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека власта инсистира на изградба на големи комерцијални дата-центри. Тој рече дека власта сака да ги продаде водата и струјата за интереси на странски дата-центри и сопствени тендерски профити.
