Од СДСМ посочуваат дека иако дигиталната трансформација е важна, привлекувањето вакви големи дата-центри носи огромен стратегиски ризик со минимален економски поврат

Опозицискиот СДСМ денеска побара мораториум на изградба на нови комерцијални дата-центри кои користат системи со испарување на вода.
Од партијата сметаат дека се потребни законски обврски за помалите проекти за државни потреби, со кои инвеститорите ќе се обврзат на исклучиво воздушно ладење и сопствено производство на енергија преку соларни паркови и батерии, без да повлекуваат струја од националната мрежа.
На денешната прес-конференција, Кристијан Дојчиновски од СДСМ упати обвинувања до премиерот Христијан Мицкоски и владејачката ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека власта инсистира на изградба на големи комерцијални дата-центри. Тој рече дека власта сака да ги продаде водата и струјата за интереси на странски дата-центри и сопствени тендерски профити.
Од СДСМ посочуваат дека иако дигиталната трансформација е важна, привлекувањето на вакви големи дата-центри носи огромен стратегиски ризик со минимален економски поврат. Според нивните податоци, еден голем дата-центар троши меѓу 1 и 3 милиони литри пивка вода дневно – колку што е потребно за град со 15 000 до 30 000 жители, што во услови на климатски промени и суши може да доведе до рестрикции за домаќинствата и земјоделството.
„Нашиот енергетски систем е веќе ранлив. ЕСМ работи со загуби и застарена технологија, МЕПСО има проблеми со балансирањето поради соларниот бум, а ЕВН се соочува со раст на пазарните цени. Додавањето масивни 24/7 потрошувачи ќе ја зголеми зависноста од увоз, ќе ги покачи сметките за струја за граѓаните и ќе ја загрози стабилноста на мрежата“,
изјави Дојчиновски додавајќи дека овие објекти отвораат само 25 до 50 директни работни места.
Како аргумент против овие проекти од опозициската партија ги наведоа меѓународните примери каде што веќе се блокираат вакви инвестиции.
„Компанијата ’Мета’ го откажа проектот во Зеволд поради отпор од граѓаните и фармерите. Воведен е мораториум за нови дата-центри околу Даблин до 2028 година бидејќи тие трошат над 20 отсто од струјата во земјата. Десетици проекти во Аризона, Вирџинија и Мисури се блокирани поради недостиг на вода и раст на сметките за струја“,
рече Дојчиновски.
СДСМ јавно ги повика властите да ја прекинат, како што ја нарече, оваа неодговорна политика и да ги стават интересите на граѓаните и одржливиот развој на прво место, наместо своите тендерски и провизиски интереси.
Реакцијата на СДСМ доаѓа откако пред три дена премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата нема да се откаже од плановите за привлекување инвестиции во дата-центри, оценувајќи дека тие се клучни за технолошкиот и економскиот развој на државата.
Коментирајќи ги реакциите во јавноста по неговата изјава дека се водат разговори со десетици компании заинтересирани за инвестирање во дата-центри во земјава, Мицкоски рече дека дел од критиките претставуваат обид за создавање хистерија и попречување на развојните процеси.
