По критиките во јавноста за можната дислокација на Универзална сала, скопскиот градоначалник Петре Шилегов предложи да се прават два проекта – ем да се реставрира старата сала, ем да се гради нова и поголема на друга локација
Министерството за култура ќе го поддржи она решение за Универзална сала, кое ќе биде донесено со консенуз меѓу Град Скопје, граѓаните, културните уметници и архитектите.
Во изјава за „360 степени“ од Министерството за култура велат дека будно ги следат случувањата околу обновата на Универзална и секое решение велат треба да се носи преку отворена дебата.
„Убедени сме дека транспарентната и демократска дебата отворена за да се најде најдобро решение за објектот на оваа установа ќе даде резултати во интерес на граѓаните, културните работници, и во интерес на обезбедување современ концертен и сценски објект соодветен на потребите на градот и на актуелните светски културни трендови. Министерството за култура, во соработка со Владата на Република Северна Македонија, ќе го поддржи решението за ЈУ Универзална Сала до кое ќе се дојде со консензус кој Градот Скопје ќе го обезбеди низ дијалогот со културните работници, јавноста, и стручните луѓе од сферата на архитектурата и урбанизмот“,
велат од Министерството за култура за „360 степени“.
Претходниот министер за култура, Роберт Алаѓозовски уште во мај 2018 година потпиша договор со градоначалникот Петре Шилегов дека проектот за обнова на Универзална сала ќе го финансираат заеднички и дека ќе почнат да ја реновираат во 2019 година.
Но, новиот конкурс на градот предизвика критики во јавноста, бидејќи со него се предвидува Универзална сала да се руши, а на нејзино место да се гради парк и Летна сцена.
Објаснувањето на Градот е дека на постоечката локација нема доволно простор за сала која може да понуди квалитет, па Шилегов на вчерашниот брифинг со новинарите презентираше три опции: изградба на нова Универзална сала на постојната локација, изградба на нова сала на нова локација или реставрација на постојниот објект и изградба на нова сала на нова локација.
Шилегов порача дека лично смета оти најдобро е старата Универзална да се реставрира, а да се изгради нова и поголема, на друга локација. Според првичните проценки двата проекти би чинеле 20 милиони евра.
Од Асоцијацијата на архитекти се на став дека доколку не може да се реализираат два проекти, тогаш треба да се реставрира само Универзалната сала на посточкото место и со истата големина.
Шилегов најави дека за сите опции ќе се распишуваат конкурси за избор на идејни решенија, кои ќе се финансираат од досегашните половина милиони евра кои Владата му ги има дадено на Градот како поддршка за обнова на Универзална.
Откако ќе завршат конкурсите ќе се бара најдоброто решение, а во случај да нема консензус градоначалникот најави и референдум по примерот на ГТЦ.
Низ годините пак, само за идејни решенија и проекти за реконструкција на Универзална потрошени се речиси 1 милион евра.